Семејна трагедија го потресе Прилеп, откако 63-годишен маж, поради нерасчистени имотни односи и семејни недоразбирања, го усмрти својот 43-годишен внук од сестра и неговиот 12-годишен син, а потоа си го одзеде животот по вооружен судир со полицијата.
Според информациите од Основното јавно обвинителство и СВР Битола, осомничениот, кој бил вујко на убиениот, во текот на вчерашниот ден телефонски го повикал внукот да дојде во неговиот дом и притоа инсистирал со него да го земе и 12-годишниот син.
Според досегашната истрага, убиството се случило во попладневните часови, меѓу 15 и 16 часот. Подоцна истиот ден, осомничениот објавил статус на Фејсбук со сомнителна и вознемирувачка содржина, упатен кон неговата сестра и внукот, што дополнително ги активирало сомнежите на семејството.
Загрижената сопруга и мајка на жртвите, откако не можела да воспостави контакт со сопругот и синот со часови, околу 21 часот синоќа ја пријавила нивната исчезнатост во полиција, изразувајќи сомнеж дека се наоѓаат кај вујкото. Таа претходно лично се упатила кон неговиот дом, каде го затекнала паркираниот автомобил на нејзиниот сопруг пред затворена врата и без одговор на нејзините повици.
Полициските служби, по добиена наредба од јавен обвинител, влегле во домот на осомничениот користејќи сила, откако тој одбил да ја отвори вратата. Како што изјави Сања Стаматова, портпаролка на СВР Битола, при влегувањето, осомничениот фрлил експлозивна направа која не експлодирала, но почнала да чади. По излегувањето на полициските службеници од куќата, осомничениот отворил оган кон нив, по што тие возвратиле со службено оружје.
Трагедијата завршила околу еден часот по полноќ, кога полициските сили повторно влегле во куќата и ги пронашле трите безживотни тела, на вујкото, неговиот внук и 12-годишното момче.
Обвинителството издаде наредба за обдукција на починатите, како и за вештачење на сите траги, оружје и муниција пронајдени на местото на настанот. Истражните органи ги утврдуваат сите околности и мотиви за овој брутален семеен чин кој ја шокираше јавноста.

