– интервју со сифу Дана Сиљан
Дана Сиљан е сертифициран сифу по таи чи чуан и чи‑гонг, со широка меѓународна едукација и длабока посветеност кон психофизичкото здравје и себеспознавањето. Со години практикува и предава, користејќи дисциплини од источните борбени вештини за справување со стресот и развој на телесна самосвест. Учествувала на семинари во Скопје и Белград и сега практикува локално, промовирајќи животна промена низ медитација, кардио, растегнување и мудар пристап кон здравјето. Во ова интервју, се обидуваме да сфатиме како таи чи чуанот може да ја трансформира психофизичката состојба и зошто дисциплината е носечка компонента.
Антропол: Како започна твојотт пат во таи чи чуанот и што значи овој термин?
Д.С: Мојот пат во таи чи чуанот започнува во средношколските денови, кога прв пат отидов на еден тренинг по таи чи. Од сиот спектар на борбени вештини, јас се пронајдов токму овде, во основниот енерегетски центар на сите кунг фу дисциплини, денес именувани како Вушу. Самиот термин Таи Чи Чуан се состои од два дела – Таи Чи и Чуан. Таи Чи е врвен принцип на самото постоење, чие суштинско значење се содржи во симболичниот визуелен приказ на двете контрасни енергии Јин и Јанг, кои меѓусебно се надополнуваат тежнеејќи кон постигнување на совршената врамнотеженост. Чуан ја претставува борбената компонента и во превод значи тупаница или врвен ултимативен бокс, со што се нагласува и борбената димензија на Таи Чи Чуанот.

Антропол: Кој е историскиот и философскиот контекст на таи чи чуанот и кои се неговите основни принципи?
Д.С: Таи Чи Чуанот е дел од трите, да се изразиме така, најмеки кинески боречки вештини. Тие се Xing Yi Chuan, Ba Gua Zhang и Tai Chi Chuan (Taijiguan), за која се смета дека е една од најљубоморно чуваните тајни на кинеските мајстори по боречки вештини. Корените на оваа вештина датираат уште пред 2000 години, кога самата вештина заземала форма на еден засебен систем на тренирање. Но, големиот таоистички мудрец Чанг Сенг Фенг, гледајќи ја борбата помеѓу жеравот и змијата, систематизирал 13 основни движења во таи чи чуанот. Она што може да се издвои како основен принцип на таи чи чуанот, како борбена и медитативна техника, е воспоставувањето превласт на психофизичката флексибилност над ригидноста, како и исполнување со квалитетна енергија со помош на минимални движења со телото. Посветеноста и дисциплината се клучни за да се напредува во таи чи чуанот. Таа е една од борбените вештини со најсложена телесна математика која бара концентрација и фокус за време на вежбањето.
Антропол: Кои се здравствените придобивки од таи чи чуанот и чи‑гонгот и како функционира енергијата Чи?
Д.С: Најчестите прашања во врска со таи чи чуанот и чи гонгот како негова десна рака, се во врска со здравствените придобивки или какво е нивниот влијание врз псохофизичкото здравје. Одговорот на ова прашање е поврзано со Чи, поимот кој ја означува животната снага со која функционираме во текот на животот. Во организмот на човекот енергијата Чи циркулира низ таканаречени меридијани (канали). Во кинеската алтернативна медицина тоа е така дефинирано. Вежбите во чи гонгот и формите на таи чи чуанот ги опфаќаат овие меридијани и секоја од нив има јасна наменска цел, а тоа е проток на квалитетна Чи енергија. Секој меридијан е поврзан со определен орган или со извесен дел од него, но за меридијанската поставеност не постои анатомски приказ, затоа што ваквата перцепција за медицината за западниот свет е помалку разбирлива. Практичното поврзување на меридијанскиот систем со анатомијата на човекот е невозможно, што не значи дека потеклото на ова учење, земајќи го предвид тоа дека корените му се навистина дамнешни, треба да се согледува како мистично или екстравагантно, затоа што источните лекари со негова примена успевале и сè уште успеваат да постигнат врвни резултати, неретко и во борбата со тешки заболувања.
Антропол: Како таи чи чуанот може да помогне во справувањето со современите предизвици на стрес и ментално здравје?
Д.С: Човекот во своето брзање да го стигне животот кој постојано му е во бгество и му ветува средба само за време на викенд или само за годишен одмор, се умори и почна да сфаќа дека животот не се брка туку се живее. Таи чи чуанот нѐ учи да бидеме свесни за мигот и да ја живееме сегашноста. Бавните движења ги смируваат мислите, а концентрацијата и фокусот ги задржуваат присутноста и свесноста за моментот. Сложената телесна математика во таи чи чуанот ја поттикнува и унапредува комуникацијата помеѓу духот и телото. Со други зборови, на тренингот е невозможно да се мисли на било каков животен проблем. Освестувањето за овде и сега ослободува од стегите на стресот и дава една нова перцепција за постоењето и егзистенцијата воопшто. Сѐ што нѐ мачело пред час, за време на часот го забораваме, а си одиме со нова перспектива, бидејќи сме го одврзале енергетскиот чвор од секојдневните тегоби.

Антропол: Кои се успесите на Клубот Феи Лонг, предизвиците со дисциплината и како изгледаат тренинзите?
Д.С: Клубот Феи Лонг постои 15 години, а Македонската Вушу Федерација скоро 9 години. Бележиме бројни успеси и освоени медали на меѓународно ниво. Оваа година, за првпат во историјата на македонскиот спорт, имавме наши претставници на Европскиот Вушу Шампионат, кој се одржа на Крит. Најголемиот успех го постигна деветгодишната Харитина Јоноска, која заврши на четвртото место, а беше најмлад натпреварувач на првенството. Харитина е мојот најмлад ученик и често ја нарекувам таи чи бисер или црн лебед (поради црната униформа). Инаку е вонсериски талент за кунг фу и вљубеник во таи чи чуанот.
Во однос на тренинзите и очекувањата на новите вежбачи, често ги имам проблемите со одржувањето на дисциплината и мотивацијата. Треба да се разбере дека дисциплината е најдобра мотивација, таа е оската на одговорноста, светлото на волјата и реализаторот на визијата. Лежи во сржта на слободата, бидејќи слободата е најголема одговорност. Таа е вештина на пливање во океанот на слободата. Без дисциплина нема саморазвој, нема одговорност, нема самопочитување и нема личен интегритет. Понекогаш се јавуваат заинтересирани вежбачи со барање да доаѓаат само еднаш неделно на тренинг или да вежбаат само со меч и други слични потрошувачки небулозни испади. Дисциплина не се изучува парцијално, а еднаш-неделен тренинг е шок за организмот, подобро да се пропешачи еден час.За сите заинтересирани, тренинзите се одржуваат во салата и стадионот на АРМ во Градски парк во вторник и четврток од 19 часот и недела од 12 часот.

