(Видео) Пешиќ: Патолошкото лажење на Тошковски веќе не е политика, туку опасност

Став на Звезданка Пешиќ, Асистент на пратеникот Борислав Крмов, Левица.

Не постои прес-конференција, не постои гостување, не постои изјава на Панче Тошковски што не е полна со лаги, искривувања на вистината и безобразно потценување на јавната интелигенција. Ова не е веќе обична политичка реторика, ова е дијагноза на хроничен, патолошки лажго кој се изгубил во бескрајна спирала на манипулации, заедно со својот шеф Христијан Мицкоски, кој со истата леснотија лаже за било кој инцидент што ја потресува државата.

Во синоќешното гостување на Сител, Тошковски успеа повторно да го релативизира невозможното, нападот врз градоначалничка, снимен на видео, со сведоци и присуство на полиција. И наместо да ја осуди постапката на криминалец кој на камера се слуша како ја навредува со „Кучко, сè ќе ти е*ам“, министерот без тошка разум, без пардон, изјавува: „а што ако не било така, што ако таа прва го нападнала? Ќе видиме точно како било!“

Срам.
Срам за функцијата, срам за институцијата, срам за државата.

Како може човек кој има барем грам совест да изговори такво нешто? Да се постави на страната на насилникот, а да се сомнева во жртвата, градоначалничка, службено лице, жена, пред камери, пред полиција?

И уште бесрамно да изјави дека за разлика од некогаш, сега институциите функционираат.

Ајде, министере, кажи ни што точно функционира „поразлично“ сега, откако вие сте на власт?

  • Дали функционира правдата во Кочани, каде сеуште никој не одговара за трагедијата со 62 деца мртви во дискотека без дозвола?
  • Дали функционира правдата за скандалот со онкологија, каде луѓе умираа додека некој профитираше од нивната хемотерапија?
  • Дали функционира правдата за прегазените деца на улица?
  • За тепаните жени, секој ден?
  • За семејните насилства, што ги броиме по наслови, а не по решени случаи?
  • За градоначалничка која ја нападнаа сред бел ден, со присутна полиција, додека си ја вршеше должноста, а ти, министере, вадиш сценарија од евтини турски серии?

Кога вие ќе престанете да штитите насилници? Кога ќе престанете да лажете?
Кога ќе престанете да газите по достоинството на жртвите само за да ги спасите вашите коалициски партнери?

Не постои доволно тежок збор за нискоста и подлоста на оваа власт. На оваа Влада, на овој премиер, на овој министер. Како луѓе, вие сте го изгубиле основниот контакт со реалноста. Вие ја газите жртвата и ѝ велите дека претерува. Ја штитите мафијата и тврдите дека институциите „реагирале“. Ја негирате вистината додека таа ве демантира во живо, на снимки, со сведоци, со факти.

Ама знаете што не може да се избрише со изјава? Срамот. И судот на народот.
Затоа што ќе дојде денот кога ќе нема чадор пред камерата, ама ќе има одговорност.
И ќе го гледаме видеото кога вие ќе одговарате, не пред новинар, туку пред судија.

Видео превземено од Инфо Макс.