Колумна на Тони Димитров
Во време кога многумина се чувствуваат немоќни пред институциите, кога апатијата лесно се шири, секоја иницијатива што потекнува од самата заедница е вредна за внимание, а уште повеќе за поддршка. Во еден таков дух се роди и проектот за културен календар. Eдноставна, но суштинска идеја: да се мапира, координира и промовира културниот пулс на нашиот град.
Доколку ги читавте изминатите колумни, веројатно се сеќавате на иницијативата на Изабела Левенска Миљаниќ. Одлична, едноставна, евтина и практична иницијатива, која ги мапира спомениците низ градот и дава информации за истите.
За брзо, таа се појавува со нова иницијатива која повторно го збогатува културниот живот во градот.
Во услови кога многумина се откажуваат од обидите да придонесат за општо добро, се повеќе луѓе сфаќаат дека не треба да чекаат дозвола за да направат нешто значајно. Така настана и овој нов проект – културен календар.
Идејата е едноставна: сите културни и јавни настани во градот да бидат достапни на едно место – онлајн календар кој ќе ги информира граѓаните и ќе создаде подобра координација меѓу организаторите.
Наместо настаните да се преклопуваат (што е сериозен проблем за мал град, со мала публика), да се губат во хаос или да поминат незабележано, овој календар служи како простор каде сите иницијативи добиваат рамноправно место. Тоа не е само табела со датуми, туку одраз на енергијата што ја поседуваме, но ретко ја канализираме правилно.
Зад овој проект повторно е сама со својот ентузијазам, не чекајќи некој „од горе“ да и даде зелено светло. Наместо тоа, таа самата го создаде (и тоа за само една недела). Ентузијазмот што ја движи не се мери во финансии, туку во часови поминати во комуникација, во креирање на дизајни, во информирање и поттикнување на другите. Таквите луѓе се двигатели на вистинската промена, тивки, упорни и посветени. Тоа не е проект со буџет или поддржан со големи кампањи, туку дело на луѓе што веруваат дека заедницата може да биде покреативна, поорганизирана и повидлива.
И ова не е изолиран случај. Во последните неколку години, сме сведочеле и за други иницијативи: млади што организираат креативни работилници за деца, доброволци што го чистат аквадуктот или Водно, ентузијасти што враќаат живот во запуштени простори, грижа за бездомни животни, организација на локални фестивали – гледаме како енергијата на неколкумина може да донесе промена за многумина. Сите тие проекти имаат заеднички именител – верата дека заедницата вреди, дека може и мора подобро.
И самата Изабела вели: „Го правам затоа што ми доаѓа природно да креирам иницијативи, сама да го создадам она што ми фали и преку пример да мотивирам други да го прават истото“.
Не секогаш е потребен голем ресурс, туку волја, искрен мотив и поддршка од заедницата. Да се вложува во заедницата не значи секогаш големи проекти и грантови. Понекогаш доволна е идеја и неколку луѓе што ја поддржуваат. Но, потребна е и поддршка од сите нас, како публика, како волонтери, како критичари што нудат решенија, а не само забелешки.
Иако мали по обем, ваквите иницијативи се основа на одржливо културно живеење. Со минимални средства, но со максимална посветеност, тие нудат модел како локалната заедница може самостојно да ја оживее културната сцена. Проектот „културен календар“ е доказ дека кога луѓето веруваат во својот град – можат да направат чуда. А Изабела го докажува тоа.
Таа признава: „Создадено со срце за моите сограѓани, сите уметници и институции, кои со својата работа ја оддржуваат културната искра на овој град. Моите сограѓани да живеат поубав, социјално и културно побогат живот“.
Проектот за „културниот календар“ не е крајна цел. Тој е почетна точка, можност за нови соработки, нови идеи, нови мрежи. И најважно, потсетник дека не мора да чекаме. Можеме да почнеме. Тука. Сега.

