Адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска, во објава на социјалните мрежи, остро реагираше на односот на институциите по нападот врз градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска. Таа го споделува својот став за институционалниот молк и сомнителниот пристап на МВР, но и за пошироките последици од игнорирањето на очигледен криминал. Во продолжение го пренесуваме нејзиниот став во целост:
„1. Напад на градоначалник е напад на службено лице. Нема тука “ама”. Нека проба некој на припадник на МВР да му се пушти онака блиску во негов телесен простор па макар и да не го допре. Ќе биде приведен за 2 и пол минути и најмалку што ќе му се деси е што ќе биде држен барем 24 часа доле во подрумот на Насилен криминал за да размисли малку за својата постапка.
2. Ако првиот човек на МВР јавно изразува скептицизам и дава политички изјави (очигледен криминал во Чаир е ноторен и документиран одамна) и зборува за мотиви и будење од зимски сон, уште појасно станува и можеме да замислиме каков бил односот на пониските структури- полициските службеници, раководители и сл. на терен и во полициска станица. Секој што барем еднаш бил во полициска станица да пријави нешто знае како е кога полицијата не е баш многу расположена да работи.
3. Постапка во Одделение за внатрешна контрола и професионални стандарди може да се почне и по службена должност. По отворена постапка да земе изјава од тој кој се жали е различно од “дојди да пуштиш пријава” и тоа драстично го менува “тонот” со кој МВР пристапува кон проблемот.
4. Губитници сме сите како и да заврши битката. Во најдобар случај ќе трпи нивото, институционалната (не)култура и доверба, а во најлош случај ќе биде поттикната неказнивоста и насилието на одредени делови во државата.
5. Тажна е онаа држава каде граѓаните се приморани јавно да поддржат изнасилени и претерани герила акции на официјални претставници на локалната власт со постапки и речник под секое пристојно ниво, во очај и желба да се разбуди интерес за криминал на институциите. Уште потажна е онаа држава која повеќе се занимава со тоа зошто некој пријавува криминал отколку што е тоа што го пријавува.“

