Две ноќни експлозии и пожар во Битола – Метa бил висок полициски службеник

Доцна во ноќта меѓу петок и сабота, Битола била потресена од две сериозни кривично-насилни случувања – фрлена експлозивна направа пред дом и подметнат пожар во дуќан на висок полициски службеник, кој, според информации до кои дојде Инфомакс, претходно бил дел од полициска акција и приведување.

Според потврдата од МВР, инцидентот се случил на улицата „Охридска“ околу 02:05 часот, кога непознат сторител фрлил експлозивна направа пред неколку куќи. Од експлозијата биле оштетени најмалку седум патнички возила со битолски регистарски ознаки, меѓу кои „Фолксваген“, „БМВ“, „Тојота“, „Киа“, „Рено“, „Матиз“ и „Тико“. Оштетувања се евидентирани и на прозорци и врати од околните домови.

Увидната екипа на СВР Битола, во присуство и по насока на јавен обвинител, извршила увид на местото на настанот, а од МВР информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

Само час и половина подоцна, околу 03:17 часот, бил пријавен и пожар на улицата „Борис Бастерот“, каде што целосно изгорела барака во која, според извори на Инфомакс, оперирал дуќан под кирија на истиот полициски службеник. Пожарот ги зафатил и четири патнички возила, три со битолски и едно со скопски регистарски таблички. Интервенирала Територијалната противпожарна единица на Битола, а пожарот бил локализиран без повредени лица, но со значителна материјална штета.

Двата инцидента предизвикаа силна вознемиреност кај жителите на градот, особено поради сериозноста и временската поврзаност на настаните, а сомнежите укажуваат на координирана закана насочена кон конкретна мета – полициски службеник кој неодамна бил инволвиран во полициска акција. Истрагата е во тек.

Може да ве интересира