Првото судско рочиште за еден од најмонструозните здравствени скандали во Македонија, случајот со малверзации на Клиниката за онкологија, денеска заврши со одложување. Обвинетата докторка Мери Пешевска, вработена на Одделот за дојка, не се појави во судница, бидејки наводно има влошена здравствена состојба, односно стомачен вирус и зголемена температура.
Низ адвокатот Јовица Страшевски, Пешевска соопшти дека има стомачен вирус и температура. Без медицинска потврда приложена пред јавноста, без извештај од болница. Само усмено известување дека е болна и барање за одлагање. Десетици пациенти со карцином не ја добиваа терапијата или ја добиваа физиолошки раствор наместо терапија, случај во кој постојат сериозни индиции за трговија со животот, судењето се одложува зашто едната обвинета има стомачен вирус.
Адвокатите на другиот обвинет, поранешниот директор Нино Васев, истовремено се обидоа да го дискредитираат клучното вештачење од страна на словенечката експертка Маја Равни, тврдејќи дека таа нема лиценца. Обвинителството кусо одговори: таков доказ не е приложен, а тврдението не е точно.Класична тактика на одбраната, фокус на процедурални прашања со цел одложување на постапката и оттргнување на вниманието од суштинските обвиненија.
Згора на тоа, одбраната на Васев бара пристап до сите медицински истори на пациентите кои ги лекувал. Адвокатот на Пешевска бара целосна документација за неа. Јасно е: одбраната се спрема за контранапад, тактика на развлекување, заматување и одолговлекување, додека јавноста заборави.
Во меѓувреме, институциите, наместо ефикасно да ја водат постапката, дозволуваат ситуации во кои обвинетите изостануваат од судења поради здравствени причини токму во моментите кога треба да се соочат со обвиненијата. Тешко е да се замисли друга професија во која последиците од злоупотреба се толку сериозни за граѓаните, а обвинетите сепак добиваат толеранција за одложување поради привремени здравствени тегоби.
Мери, издржи. Ќе ти дадат физиолошки раствор, онака како што и многу пациенти на Онкологија добивале наместо вистинска хемотерапија. Ќе ти помине. Но прашањето е: ќе помине ли оваа држава уште една правна фарса?
Следното рочиште е закажано за 5 септември. Дали и тогаш некој ќе има „температура“, или конечно ќе се почне со разоткривање на вистината, останува да видиме. Но јавноста е веќе уморна од циркуси. Бара правда. Бара одговорност.

