Пратеникот од Чаир и поранешен советник во Советот на Град Скопје, Амар Мециновиќ, реагираше по денешниот напад врз градоначалничката Данела Арсовска, советничка и членови на администрацијата на Град Скопје. Во својата објава, Мециновиќ го нарече инцидентот „аларм за безбедноста“ и остро ја обвини власта дека со своето делување охрабрува политичко насилство и беззаконие. Во продолжение следува целосната објава на пратеникот:
„Како скопски пратеник од Чаир и поранешен советник во Советот на Град Скопје, во мандатот на градоначалничката Данела Арсовска – најостро го осудувам денешниот напад врз неа, советничката и службениците од градската администрација.
За нас, како опозиција, ова е аларм за безбедноста на сите граѓани, демократските принципи, а со тоа и легитимитетот на структурите на власт. Властa дозволува политичко насилство врз избрани политички чинители, охрабрувајќи беззаконие и неказнивост.
МВР и Владата им дозволуваат на криминални структури да дејствуваат незаконски и да вршат насилство, што претставува директен удар врз владеењето на правото и еднаквоста на луѓето пред законите. Година дена се овозможуваат репресивни и автократски методи на владеење, за теснопартиските интереси на ВРЕДИ, ЗНАМ и ДПМНЕ – додека цели четири години Скопје е под заложништво на желбата за кочење и уништување на работата на градот на раководството на ДПМНЕ и неговите советници.
Чаир е небезбеден, Скопје и Македонија се небезбедни! Властите немаат за цел да ги штитат луѓето.“

