Советниците на Левица објавија дека преносот од седницата на Советот на Општина Аеродром бил намерно прекинат токму додека поставувале прашања за проблемите со хигиената, комуналниот хаос и ризиците од пожари. Обвинението го упатија преку јавна објава, во која велат дека ова не е првпат јавноста да биде „цензурирана“ токму кога се поставуваат непријатни прашања за власта.
„Додека советниците на Левица поставуваа советнички прашања во Советот на Општина Аеродром, ‘случајно’ преносот од седницата беше прекинат,“ посочуваат од партијата, нагласувајќи дека прекините секогаш се случуваат „на значајна седница“.
Според нив, овојпат цензурирањето се случило токму кога советниците го отворале прашањето за „хаосот по аеродромските улици, тревата до коленици, купиштата ѓубре и опасноста од пожари.“
„Тогаш кога вистината не смее да се чуе во живо,“ наведуваат од Левица, алудирајќи на намера да се сокрие неспособноста на локалната власт, која според нив, не само што не се справува со проблемите, туку и бега од одговорност.
Советниците сепак најавуваат дека нема да бидат замолчени:
„Но, поучени од искуството, снимавме сами. Снимката можеби не е со совршен звук и слика, ама е со совршена намера: да се обелодени неспособноста на локалната власт предводена од ДПМНЕ, која бега од одговорност дури и со гасење на камера.“
Во објавата, Левица упатува јасна порака до јавноста:
„Извинете, но ние нема да молчиме! Можете да нѐ цензурирате, но нема да нѐ замолчите!“
Засега од општина Аеродром нема официјален одговор за причината на прекинот на преносот.

