Велковски: Нема ново покачување на пензиите – 1:1,5 однос меѓу работници и пензионери, пензискиот систем веќе не функционира

На трибина во Кочани, заменик-министерот за труд, социјална политика и млади, Ѓоко Велковски, со тон на загрижен реформатор порача дека „нема да има ново линеарно зголемување на пензиите“ и дека „не можеме да си играме со пензискиот систем“. Но токму таква игра, со непредвидливи и кратковидни мерки, е она што се практикува веќе со години наназад.

Според Велковски, пензискиот систем не може да се решава преку импровизирани и моментални одлуки, а линеарното зголемување од 5.000 денари што беше направено во првите девет месеци на годинава било „со цел да се подобри состојбата на сите пензионери“.Министерот тврди дека линеарното зголемување од 5.000 денари не било импровизација, туку внимателна и свесна мерка. Но во исто време признава дека тоа зголемување се однесувало еднакво за сите пензионери, и оние со најниска, и оние со највисока пензија, без никаква разлика.

Ако некоја мерка се применува еднако врз сите, без анализа, приоретизација или критериуми (на пр., поголемо покачување за оние со најмали пензии), тоа де факто е импровизирана одлука, бидејќи не е заснована врз социјална анализа или системски принципи, туку звучи како популистички потег – на пример, „дај по 5.000 на сите и сите ќе бидат среќни“.

Со други зборови, ако не правиш разлика меѓу сиромашен пензионер и поранешен функционер со висока пензија, тоа покажува недостиг на план, а не „стратегија“. Затоа е лицемерно да се вели дека тоа не било импровизација.

Поголемата апсурдност доаѓа со обидот да се прикаже како праведна новата структура на сооднос меѓу најниска и највисока пензиј, од 1:7 наводно се сведена на 1:4, според Велковски. Но, со оглед на тоа што сите пензии се зголемени за фиксна сума од 5.000 денари, тој сооднос во реалноста останува ист, математиката не може да се измислува за политички поени. Ако некој земал 12.000 денари и сега зема 17.000, а друг од 40.000 сега има 45.000, разликата е иста, како и нееднаквоста.

Проблемот, сепак, е многу подлабок. Велковски отворено признава дека односот меѓу вработени и пензионери е паднат под 2:1, а според него сега е 1:1,5 – што значи дека пензискиот систем одамна не се одржува од придонеси, туку од буџетот. Тоа значи дека ПИОМ, наместо да биде самостоен фонд, е хроничен пациент на Владата којшто редовно се финансира со народни пари, од сите граѓани, вклучително и оние кои можеби никогаш нема да дочекаат праведна пензија.

И наместо реална, системска промена, праведна пензиска формула, урамнотежено финансирање и осигурување за долгорочна стабилност, се најавуваат нови тела, комисии и работни групи. Одлуките се одложуваат, со изговори дека „не можеме сега, во јули, да решаваме за септември“, иако токму тие се платени за да носат навремени и одржливи решенија.

На крај, она што Велковски го прикажува како „одговорна политика“, граѓаните го препознаваат како политичко лицемерие. Пензионерите, користени како гласачка машина во предизборни ветувања, повторно се турнати во втор план. А пензискиот систем, наместо да се реформира, се користи како краткорочен инструмент за социјален мир, кој се купува со пари што нема од каде да дојдат.

„Не можеме да си играме со пензискиот систем“, вели Велковски. Но токму тоа го прават. И секоја следна генерација ќе го плаќа цехот.

Може да ве интересира