Пожарите што вчера беснееја на повеќе локации околу Скопје ја однесоа првата човечка жртва. Како што објави порталот „Скопје1“, повикувајќи се на извори од Министерството за внатрешни работи, изгорено човечко тело било пронајдено во штала која целосно изгорела во близина на Железничката станица „Ѓорче Петров“.
Покрај телото на починатиот, биле пронајдени и изгорени животни, а целата објектна структура, пеплосана. Надлежните институции веднаш излегле на терен, а од МВР велат дека се преземаат сите потребни мерки за расчистување на случајот и утврдување на идентитетот на жртвата и околностите под кои настанала трагедијата.
Пожарот кој ја зафатил шталата бил дел од серија пожари што вчера се проширија низ делови од Скопје и околината, поттикнати од високите температури и ветерот. Иако повеќето беа ставени под контрола, оваа локација, очигледно, била фатена неподготвена.
Жителите од околината за медиумите изјавуваат дека често апелирале до институциите за расчистување на сувата вегетација околу шталата и железничката станица, но дека немало сериозен одговор. Оваа трагедија, велат тие, е последица на хроничната негрижа за спречување на пожари.
Очекувањата се во текот на денот МВР и Противпожарната служба да излезат со повеќе информации.
Следи го Антропол преку Google 
