Додека државниот врв ужива во луксуз, службени лимузини и непропорционални плати, граѓаните и шумите во Македонија добиваат, стари хермелини како алатка за борба против пожарите. Дирекцијата за заштита и спасување деновиве се пофали со „нова“ опрема составена од 50 возила за гаснење шумски пожари, но станува збор за застарени армиски и полициски машини, како што се БТР70 и други возила од поранешни времиња, повлечени од употреба и складирани со години.
На овие возила им биле вградени резервоари за вода, пумпи со висок притисок и се нарекуваат „модернизирани“. Според директорот Стојанче Ангелов, тие можат да стигнат до непристапни терени каде дури и најсовремените џипови не можат. Но јавноста со право прашува, дали навистина тоа е врвот на нашите капацитети во 2025 година?
Нема ништо спорно во пренамена на постоечка опрема кога таа е функционална и безбедна. Но има сè што е спорно во тоа што државата во 21 век и понатаму се потпира на возила од минати децении, наместо да инвестира во современа механизација и системски пристап во справување со ризици кои се сè почести и поразорни.
Пожарите не се изненадување. Тие се повторуваат секоја година и секоја година институциите изгледа се фатени неподготвени. Наместо превенција, добиваме импровизација. Наместо стратегија, добиваме прес-конференции. Наместо вистински инвестиции во противпожарна заштита, добиваме пресоблечени оклопни возила од резервите на Министерството за одбрана и МВР.
И сето тоа би било барем подносливо, доколку не беше прашањето каде одат средствата од буџетот. Во земја каде државни функционери си одобруваат високи плати, службени автомобили од највисока класа, раскошен мебел и непродуктивни трошоци, тешко е да се прифати дека нема пари за вистинска противпожарна опрема. Очигледно, за заштита на природата и животите на граѓаните, парите се сметаат како „трошок“, а не како приоритет.
Ова не е техничко, туку морално прашање. Држава што не инвестира во својата безбедност, не ги штити своите граѓани и природни ресурси, туку ги третира со ад-хок решенија и застарена механизација, испраќа јасна порака: дека не ѝ е грижа. И тоа не е нешто што може да се покрие со неколку „патриотски“ изјави или спектакуларни презентации.
Време е за одговорност, не за шоу. Македонија заслужува вистински систем за заштита, современа опрема, обука и подготвеност, не пародија на безбедност со стари возила и нови изговори. И додека огнот се приближува, граѓаните имаат право да прашаат: кој ќе одговара ако повторно останеме сами, со пумпа на хермелин и тишина од врвот?
Следи го Антропол преку Google 
