Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху оцени дека палестинската организација Хамас предложила неприфатливи измени во нацрт-договорот за прекин на огнот во Газа, иако израелска делегација ќе отпатува во Доха за продолжување на индиректните преговори. Преку соопштение од неговиот кабинет, се наведува дека „измените кои Хамас сака да ги внесе во катарскиот предлог ни беа соопштени синоќа и се неприфатливи за Израел“, не објаснувајќи прецизно кои делови се спорни. Сепак, премиерот наредил формирање делегација што денеска ќе замине во главниот град на Катар, додека самиот, според најавите, ќе отпатува за Вашингтон на средба со американските власти.
Преговорите, во кои посредуваат Катар, Египет и САД, се засноваат на предлог што предвидува 60-дневен прекин на огнот, постепено ослободување на израелски заложници кои сè уште се држат од Хамас, како и враќање на посмртните останки на загинатите. Во замена, Израел би требало да ослободи значителен број палестински затвореници. За време на примирјето, двете страни би работеле на постигнување на траен договор за крај на војната.
И покрај тоа што Хамас во петокот објави дека го прифаќа најновиот предлог од посредниците, Израел сè уште не покажува подготвеност за вистинско отстапување. Критичарите на Нетанјаху укажуваат дека неговото колебливо однесување е водено од внатрешнополитички интереси, од една страна се притисоците од САД и семејствата на израелските заложници кои бараат итно примирје, а од друга страна, тврдата десничарска коалиција која се противи на било какви концесии кон Хамас.
Нетанјаху долго време инсистираше дека нема да запре со воените дејства сè додека не биде уништена целата мрежа на Хамас, но сега, со пад на меѓународна поддршка и зголемен број жртви, како меѓу палестинското цивилно население, така и меѓу израелските војници, неговата стратегија е сè помалку одржлива. Додека тој ги прогласува барањата на Хамас за „неприфатливи“, фактите на терен говорат дека хуманитарната ситуација во Газа е критична, а притисокот од Вашингтон за склучување договор е сè поголем.
Во меѓувреме, Израел продолжи со воздушни напади врз појасот Газа, при што во последните 24 часа беа убиени над 70 лица, според здравствените власти во Газа. Семејствата на заложниците сè почесто излегуваат на протести, барајќи конечно решение, а не бескрајни борби. Дел од израелската јавност поставува прашање: ако постои реална можност за ослободување на живите заложници и враќање на телата на загинатите, зошто владата не ја искористува?
Политичката позиција на Нетанјаху станува сè поочигледна. Наместо јасна визија за мир, тој ја води земјата низ циклус на конфликти и дипломатски маневри кои имаат повеќе врска со опстанокот на неговата политичка кариера отколку со безбедноста на Израел или судбината на жителите на Газа. Додека секој пропуштен предлог за прекин на огнот значи уште денови бомбардирања и страдања, премиерот избира молк, условувања и дволични пораки. Во вакви услови, тешко е да се зборува за искрена желба за мир.