Левица: „Тефтерчето“ повторно во функција – Судскиот совет под нова команда, Мицкоски молчи

Откако Судскиот совет започна да носи одлуки кои недвосмислено одат во корист на новата владејачка гарнитура, премиерот Христијан Мицкоски замолчи за институцијата што до вчера ја обвинуваше за „мафијашко работење“. Наместо најавените „професионални и департизирани институции“, јавноста е сведок на враќање на старите шеми, во кои политичката лојалност повторно станува поважна од стручноста и законитоста.

Во фокусот на критиките на правната фела е скандалозниот избор на судијката Даниела Димовска за в.д. претседател на Основниот кривичен суд – Скопје. Иако била единаесетта според бодови, Судскиот совет ја избрал неа, спротивно на членот 89 од Законот за судовите, кој јасно пропишува дека:

„…в.д. претседател на суд се избира судија кој во последната година е оценет со највисока позитивна оцена и има најмногу бодови во споредба со останатите.“

Овој избор предизвика бројни реакции и поради партиското минато на Димовска, која претходно била асистент на пратеникот Влатко Ѓорчев и советничка на претседателите на Собранието Трајко Вељановски и Георгиевски. Дополнително, нејзиниот сопруг работи во кабинетот на Тимчо Муцунски, градоначалник на Аеродром и висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ.

Контроверзноста е зголемена со фактот што нејзината кандидатура била предложена од Данка Ристова, нова членка на Судскиот совет, инаку сопруга на Ацо Ристов, градоначалник на Радовиш од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Од редовите на Левица реагираат дека:

„Спектаклот со интерпелациите и изгласаната недоверба на половина од членовите на Судскиот совет не беше ништо друго освен обид за дисциплинирање на Советот, кој сега беспрекорно ги спроведува партиските кадровски желби од старото фамозно ‘тефтерче’.“

И додека стручната јавност алармира за директно кршење на законот, премиерот Мицкоски, кој до неодамна бараше оставки и најавуваше протести против Советот, сега молчи. Политичките аналитичари коментираат дека неговото молчење станува „злато“ во мигот кога Судскиот совет почнува да ја испорачува „кадровската сметка“ на новата власт.

„Ова не е реформа, туку реставрација. Реставрација на старите методи на политичка контрола врз правосудството“, порачуваат од Левица, потенцирајќи дека ваквото функционирање на Судскиот совет е удар по независноста на судството и уште еден доказ за партизираноста на институциите.

Очекувано, од Владата нема официјален коментар, освен типичната фраза дека „извршната власт не се меша во работа на судската власт“, изјава која, според критичарите, има сè помала тежина во услови кога фактите на терен говорат спротивно.

Нивната реакција ви ја пренесуваме во целост: