Тошковски не знае за дивоградбите во Чаир, ама знае дека сè е во ред и дека се постапува

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски уште еднаш докажа дека може самоуверено да зборува, дури и кога ништо конкретно не знае. На прес-конференција во Владата, додека се фалеше со неселективната борба против криминалот, новинарско прашање за дивоградбите во Чаир го затекна неподготвен. Одговорот? Не знае дали има утврден случај на дивоградба. Но, не уверува дека „се постапува“.

Оваа формула, „не знам, ама се работи“, станува заштитен знак на Тошковски. Очигледно е полесно да се зборува за високите идеали на „неселективна и бескомпромисна борба“ отколку да се даде еден прецизен одговор на конкретно прашање што ги засега граѓаните. Министерот зборуваше за тоа како под негово раководство се постапува против врховни судии, обезбедување на премиерот, директори и градоначалници. Но, кога треба да каже дали барем една нелегална градба во Чаир е регистрирана, молк.

Патем, за јавноста која го следи проблемот со урбаното дивеење, токму Чаир е симбол на години негрижа, урбана мафија и договори под маса. А тоа што министерот не знае што се случува, во срцето на главниот град, е или алармантен знак на некомпетентност или уште полошо, свесна игра на институционално премолчување. И двете се подеднакво опасни.

Кога веќе се фали со „дела, не декларации“, тогаш зошто делото е, незнаење? Зошто кога јавен обвинител веќе издал наредба, министерот не знае што се случува со неа? Зарем не му е тоа првична должност, да знае и да спроведува? Или можеби Тошковски е министер на некој бирократски апарат отсечен од реалноста на граѓаните, каде „постапување“ значи да се тркала предметот по бироа додека не здосади и на последниот писар?

Останува да се запрашаме, дали Тошковски знае барем во која држава е министер и на кое министерство му е на чело? Ако знае, нека почне да се однесува соодветно. Ако не, време е некој да му објасни. Пред срамот да стане непоправлив.

Може да ве интересира