Словенија на пат кон консултативен референдум за зголемените трошоци за НАТО

Словенија се подготвува за консултативен референдум по прашањето на зголемувањето на трошоците за одбрана, откако Народното собрание во петокот со тесно мнозинство, 46 „за“ наспроти 42 „против“, го одобри предлогот на Левицата. Изненадувачкиот исход предизвика тензии во рамки на владината коалиција, која се подели околу ова чувствително прашање поврзано со улогата на државата во НАТО.

Додека најголемиот коалициски партнер, Движењето за слобода на премиерот Роберт Голоб, гласаше против иницијативата, нејзините помлади партнери се здружија со конзервативната опозиција, поддржувајќи ја идејата јавноста да се изјасни за милијардите евра планирани за воени цели.

Предлогот доаѓа откако Собранието претходно усвои декларација за прогресивно зголемување на трошоците за одбрана, од 2% од БДП во текот на оваа година, до 3% до 2030 година. Според пресметките, тоа би значело одвојување околу 2,1 милијарди евра годишно за одбранбени намени.

Референдумското прашање што ќе им биде поставено на граѓаните гласи:
„Дали сте за тоа Република Словенија да ги зголеми трошоците за одбрана на таков начин што тие ќе достигнат 3% од бруто домашниот производ годишно до 2030 година, што е приближно 2,1 милијарди евра?“

Левицата, која е коалициски партнер, но долгорочно се противи на членството на Словенија во НАТО и генерално на милитаризацијата, го иницираше референдумот како одговор на, како што велат, „неоправданото трошење за воена индустрија наместо за социјални и еколошки приоритети“.

Иако станува збор за консултативен, а не обврзувачки референдум, иницијативата ја отвори вратата за поширока дебата во јавноста за приоритетите на словенечката влада и местото на државата во евроатлантските безбедносни структури.

Предлогот за распишување референдум треба формално да биде поднесен следната недела. Сè уште не е прецизирано кога точно ќе се одржи референдумот, но исходот би можел сериозно да влијае на идната насока на словенечката политика во сферата на одбраната.