Британската полиција уапси повеќе од дваесет лица во саботата во центарот на Лондон, откако тие јавно изразиле поддршка за групата Palestine Action, која Владата ја прогласи за терористичка организација. Апсењата се случија само неколку часа по стапувањето на сила на забраната, што според британските власти, произлегла од „опасното и насилно однесување“ на активистите кои минатиот месец упаднале во воздухопловна база и оштетиле два воени авиона. За властите, доволно за терористички статус. За критичарите, правна фарса и опасен напад врз основните демократски права.
Во саботата, активисти и граѓани се собраа на Парламентарниот плоштад во Вестминстер со транспаренти на кои пишуваше „Се спротивставувам на геноцидот. Ја поддржувам Palestine Action“. Нивниот „прекршок“? Јавно искажана поддршка за веќе забранетата организација, нешто што според британскиот Антитерористички закон може да донесе до 14 години затвор. Полицијата без двоумење интервенираше, приведувајќи ги демонстрантите кои, за разлика од официјалниот наратив, не напаѓаа, не уништуваа, не повикуваа на насилство, туку само изразуваа став.
Забраната на Palestine Action доаѓа во контекст на интензивирана цензура на секоја поддршка за палестинската кауза. Групата во изминатите години ја посвети својата акција на таргетирање на компании поврзани со израелската воена индустрија, користејќи ненасилни, но често драстични методи како бојадисување на згради, блокади и протестни упади. Сега, нивната активност се третира како тероризам, иако водечки експерти на Обединетите нации, како и британски организации за човекови права како Liberty, остро ја осудија ваквата квалификација, истакнувајќи дека оштетување на имот не може и не смее да се третира како терористичка закана.
Особено циничен е фактот дека апсењата се случуваат во време кога ОН јавно го обвинуваат Израел за геноцидни акти во Газа. Наместо да поттикнува дијалог или да овозможи простор за критика на контроверзната надворешна политика, британската држава реагира со сила, замолчувајќи го секој што се осмелува да застане на страната на палестинскиот народ. Изгледа дека демократијата важи само кога е удобно.
Сè почесто, британската борба против тероризмот се претвора во борба против несогласување. Терминот „тероризам“ станува политичка алатка за елиминирање на критиката, особено кога таа се однесува на сојузници како Израел. Забраната на Palestine Action не е само правна контроверза, туку е алармантен преседан кој ја нормализира државната репресија против слободното мислење и протест. Велика Британија, некогаш симбол на либерална демократија, денес станува држава каде што транспарент против геноцид може да ве однесе во затвор. И сето тоа, во име на демократијата.
