Попладнево повторно низ улиците на Кочани, родителите на жртвите од трагедијата во дискотеката „Пулс“, обединети во Здружението на граѓани „16-ти март 2025 Кочани“, организираа нов протестен марш, со кој уште еднаш побараа правда, отчет и одговорност за изгубените животи на своите деца.
Маршот започна точно во 18 часот и пет минути, симболичен термин кој веќе станува препознатлив знак на аларм за институционалната неажурност и игнорирањето на повиците за одговорност. Движењето започна од Паркот на револуцијата, помина покрај трговскиот центар и општинската зграда, а потоа продолжи кон полициската станица, Основниот суд и Обвинителството во Кочани, институции кои родителите ги обвинуваат за молк, прикривање и одолговлекување на постапките.
„Немаме повеќе доверба во системот, но имаме должност кон нашите деца – да истраеме до крај“, велат родителите кои, со транспаренти, фотографии од загинатите и тивка решителност, испратија порака дека нивната борба не е политичка, туку човечка и морална.
Здружението „16-ти март 2025 Кочани“ е формирано како глас на оние кои повеќе немаат што да изгубат, но не можат да молчат пред неправдата. Од таму веќе неколку пати јавно побараа итна одговорност од надлежните институции, конкретни истраги и отворање на сите аспекти од случајот, од издавањето на дозволата за работа на дискотеката, преку контролните механизми кои затаиле, до непосредните виновници за трагедијата.
Маршевите на родителите стануваат сè погласен симбол на една поширока општествена болка, болка од систем што не одговара, институции што не се борат за правда и држава што им ја скрши вербата на сопствените граѓани.
Во Кочани вечерва повторно не се маршираше само за правда. Се маршираше и против заборавот, против рамнодушноста и против уште еден „затворен случај“ кој никогаш не смеел да се случи.

