Конечно добра вест, нема доктори, нема сестри, нема апарати, ама ќе имаме жолто копче!
Како што информира Министерството за здравство, Македонија гордо чекори напред во иднината, болниците можеби се реликвија од социјализмот, но здравствените податоци сега ќе светкаат во „европски стандард“. Со други зборови, нема кој да ти ја измери температурата, ама ќе можеш со QR-код да видиш дека имаш треска.
Овој нов дигитален чудотворец, наречен „Жолто копче“, е последниот трик од волшебната торба на Владата. Системот ќе им овозможи на граѓаните „лесно, безбедно и транспарентно“ да пристапат до медицинските податоци, кои, да бидеме искрени, прво треба некој да ги внесе. А со оглед дека во голем дел од државата нема интернисти, педијатри или лаборанти, прашањето е: чии податоци ќе ги читаме?
Во болници каде уште се чека на рендген од 1983, каде постоперативните пациенти спијат со роднина до креветот бидејќи нема персонал, Владата реши дека проблемот е во тоа што здравствените информации не се доволно „интероперабилни“. Дијагнозата не е запишана во европски XML фајл? Кошмар! Па какви сме ние Европејци без дигитален пасош за нашата хронична болка?
Министерството гордо објави дека сме „четири години пред ЕУ“ во примена на стандардот. Да, со една разлика, таму болниците функционираат. Кај нас? Па, добро е ако има тоалет хартија. Но важно е дека, кога ќе дојде време за итна помош, иако ќе те пречека вработена со пола смена на еден спрат, ќе може со еден клик да прочита дека си алергичен на пеницилин. И веднаш потоа, ќе ти каже дека го нема лекот.
Ако овој систем е решение, тогаш болеста е Владата. Со години хронично нефункционално здравство, системски одлив на кадар, болници кои распаѓаат под притисок на времето и ниту една сериозна инвестиција во реалната инфраструктура. Ама барем имаме дигитална фасада, „пасош за податоци“, без реален пристап до лекување.
Народот бара здравство, Владата нуди копче. Жолто. Симболично и сосема во тон со тоа што ни се случува, светнато, празно и во краен случај, употребливо само за ресетирање. Туку, ако може, каде се наоѓа копчето за рестарт на целиот систем?

