Граѓаните на неколку населби во општина Гази Баба деновиве се соочуваат со сериозни проблеми со водоснабдувањето, намален притисок, повремени прекини и целосно отсуство на вода во период на екстремни летни горештини. Наместо решенија, од градоначалникот Стефковски стигна најава за, протест. Протест против институции кои, иронично, се токму под негова надлежност.
Од партијата Левица реагираат дека ова е апсурдна претстава во која градоначалникот, како главен виновник за состојбата, глуми опозиционер и се заканува сам на себе. Тие потсетуваат дека во последните четири години, во Гази Баба не е изградена ниту еден метар нова водоводна мрежа, нема нова пумпна станица, ниту резервоар, иако бројот на згради и нови жители се зголемува поради агресивната урбанизација.
Како директен резултат на издавање на десетици градежни дозволи, особено во Хиподром 2 и во зоната зад Ист Гејт Мол, инфраструктурата е пренатоварена, а водоснабдувањето нестабилно. Левица потсетува дека токму Стефковски и неговата администрација ги имаат одобрено овие урбани интервенции, без никакво претходно обезбедување на услови за водоснабдување, отпад и пристап.
Дополнително, се посочува дека ЈКП „Гази Баба“ е надлежно за снабдувањето со вода во населбите Смилковци и Црешево, токму местата каде што проблемот со водата е најдраматичен. Во таква ситуација, јавноста се прашува што точно ќе протестира градоначалникот, против својот сопствен мандат?
„Очигледно Стефковски сè уште живее во опозициски сон и не може да се помири дека веќе четири години има целосна извршна власт во општината“, стои во реакцијата на Левица.
Граѓаните, пак, се оставени на милост и немилост на температури над 40 степени, без вода, без јасни рокови за решавање на проблемот и со градоначалник кој, наместо да работи, најавува протести против самиот себе. Очигледно, неуспехот најлесно се покрива со политички театар. Но, водата не се враќа со пароли, туку со цевки, резервоари и одговорна локална власт.
Нивната реакција ви ја пренесуваме во целост:

