Црвена младина: Мицкоски е отсечен од реалноста – Младите не формираат семејства поради немање социјални услови, а не поради немање желба

Црвена Младина жестоко реагираше на последната изјава на премиерот Христијан Мицкоски, кој најави дека размислува за воведување данок за немажени и неженети лица. Од Црвена младина оваа идеја ја оценија како „понижувачка и отцепена од реалноста“, нагласувајќи дека не се работи за недостиг на желба за создавање семејства, туку за целосно отсуство на социјални и економски предуслови за тоа.

„Изјавата на Мицкоски не само што е понижувачка кон младите, туку покажува колку десничарскиот режим кој секојдневно се луксузира со народни пари, нема поим за реалната состојба во која живее народот“, се наведува во соопштението.

Од организацијата предупредуваат дека главната причина зошто младите луѓе не формираат семејства е социјалната беда, ниските плати и високите трошоци за живот. Според нив, власта упорно го игнорира фактот дека:

Младите работат под нестабилни договори и без право на станбени кредити;

Цените на кириите се енормни, а државата не обезбедува пристапни социјални станови;

Секоја плата од млад човек оди или за кирија, или едвај стигнува за храна и сметки.

„Како еден млад човек да размислува на семејство кога едвај преживува од плата до плата? Како да стапи во брак кога нема каде да живее, а киријата е колку една цела плата?“, прашуваат од Црвена младина.

Тие потсетуваат дека предлогот за зголемување на породилното отсуство на 18 месеци не бил поддржан од ниту еден пратеник од владејачкото мнозинство, исто како и предлогот за ограничување на кириите. Овие мерки, според нив, директно ќе придонеле за создавање поволни услови за формирање семејства и зголемување на наталитетот.

„Оваа власт ни глуми загриженост за семејствата, а кога има можност да помогне, секогаш застанува на страната на елитата. Се намалуваат даноците за најбогатите, а се воведуваат нови за најсиромашните. Единствениот начин млад човек да добие стан е да се роди како дете на вмровски функционер или транзициски олигарх“, додаваат од организацијата.

Црвена младина порачува дека „младите не се проблемот – проблемот е системот кој им ги уништува шансите за достоинствен живот“. Тие ја повикуваат Владата да почне со градење социјални станови, заштита на работничките права и воспоставување на вистинска социјална држава.

„Ако навистина сакаат да охрабрат семејства и бракови, нека ги укинат казните и нека почнат да создаваат услови. Но оваа власт не само што не помага, туку сега и казнува. Ги казнува младите за тоа што се сиромашни.“

Нивната реакција ви ја пренесуваме во целост: