20.000 евра за легло во „Геријатрија“ – Директорот и посредникот во притвор

Основното јавно обвинителство поднесе обвинение против директорот на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина во Скопје, Мухсин Арифи, кој се товари за примање поткуп во износ од 20.000 евра за сместување на пациент во установа под негово раководство. Заедно со него е обвинето и уште едно лице, осомничено за посредување и примање награда за противзаконито влијание.

Според обвинителството, Арифи побарал значителна имотна корист од сведок, лице што давало доживотна издршка на тешко болно лице, за да овозможи прием во болницата. Иако тоа претставува службено дејствие што директорот бил должен да го изврши согласно законските надлежности, тој го условил со финансиска корист.

Второобвинетиот, во својство на посредник, ја примил договорената сума од 20.000 евра во име на директорот, користејќи го своето реално влијание за да интервенира постапката да се спроведе. Во моментот на примопредавање на парите, тој бил фатен од страна на полицијата на лице место.

Обвинителството бара продолжување на мерката притвор за двајцата обвинети, која досега повеќепати била продолжувана.