Во тек се подводните археолошки истражувања на локалитетот Врбник, Струга

Во тек е новата кампања на подводни археолошки истражувања на праисторискиот локалитет Врбник, кој се наоѓа на брегот на Охридското Езеро кај Струга. Истражувањата се дел од проектот „Подводни археолошки и интердисциплинарни истражувања на локалитетот Врбник“ и претставуваат продолжение на долгогодишни истражувања кои започнаа уште во 1998 година.

Истражувањата првично беа водени од археолошкото одделение при НУ Музеј на Македонија, во соработка со НУ Музеј д-р Никола Незлобински – Струга и Сојузот на нуркачки друштва на Република Македонија, под раководство на археологот Воислав Санев. Од 2001 година, истражувањата ги презеде НУ Музеј д-р Никола Незлобински – Струга, а во последните три години координацијата е во рацете на Археолошкиот музеј на Македонија, под водство на м-р Валентина Тодороска, специјалист за подводна археологија.

Во 2021 година, локалитетот стана дел од меѓународниот EXPLO проект, предводен од Универзитетот во Берн (Швајцарија) и проф. Алберт Хафнер. Во рамките на овој проект беа спроведени дендрохронолошки и радиокарбонски анализи на 250 дрвени колци, изведени од д-р Андреј Мачковски, со што се доби прецизна датираност на населбата – првиот датиран локалитет од железното време во Македонија.

Оваа година, истражувањата се фокусирани на простор од 20 х 10 метри, при што се добиени нови податоци за архитектонските карактеристики на населбата и типот на градбите. Истражувањата резултираа и со значаен број на движен археолошки материјал.

Учесниците во овогодинешниот проект се: д-р Александра Папазовска, археолог – раководител на проектот, м-р Валентина Тодороска – подводен археолог, Бојан Танески -подводен археолог, д-р Орданче Петров – подводен археолог, Seraphim Nagel, Cal Poly Tech University, Arcata, California, USA – подводен археолог, м-р Александра Чевреска – археолог, и нуркачки тим: Димитар Стојаноски, Слободан Рајковски, Никола Мартиноски, Владимир Голабовски и Александар Ацев. Проектот е реализиран со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам на Република Македонија. Организаторите упатуваат благодарност до НУ Завод и Музеј – Охрид и НУ Музеј д-р Никола Незлобински – Струга за стручната соработка, како и до здружението „Норкач“ од Струга за техничката поддршка и логистика.

Може да ве интересира