Трет ден по ред во Собранието трае расправата за ребалансот на Буџетот, но наместо план за економски раст и правда, граѓаните добиваат нов удар: молк за минималната плата, алиби-задачи за лошото минато и уште подлабоко заглавување во долг. Ребалансот, што го подготви новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, е слика на приоритети што не го ставаат работникот во фокусот, туку го претвораат во статистика што ќе ја покрие цената на институционалната немаштија и расипништво.
И покрај тврдењата на Владата дека наследиле хаос, фискалната консолидација за која зборуваат изгледа повеќе како козметичка операција, а не како одговор на реалната економска состојба. Според сопствените проекции, приходите во државната каса ќе бидат нешто над 318 милијарди денари, додека расходите ќе достигнат речиси 363 милијарди, разлика од 44 милијарди денари.
Наместо визија за развој, ребалансот претставува листа на обврски што досега биле игнорирани или потценети, при што се испумпуваат милијарди за плати, пензии и нејасни дотации, без структурни реформи и без системска стратегија. Министерството за финансии, раководено од Гордана Димитриеска Кочоска, признава дека за голем број институции немало планирани средства ниту за плати по јуни, ниту за доспеани обврски за здравството, пензиите и субвенциите за земјоделците.
Работниците, кои се сржта на економскиот живот, повторно се игнорирани. Синдикатите веќе побараа минималната плата да се зголеми на 450 евра, но Владата нема одговор. Министерката признава дека за тоа „прво ќе се прават функционални анализи“, додека единственото што го гарантира е законското зголемување од само 0,7 проценти. А во меѓувреме, политичките ветувања се одложуваат, а инфлацијата го јаде секој денар од платите.
Скандалозно се издвојуваат милијарди за институции кои, како што вели самата министерката, „не работат ништо“. Три лица земаат плата за нерешен предмет од 2004 година, амбасади плаќаат кирии со стотици илјади евра, МРТ добива 150 милиони денари, а актер без претстава зема плата од 80.000 денари, додека наставник, кој ги образува децата, добива 38.000.
Вака изгледа редот што новата влада ветуваше дека ќе го воспостави. Трет ден по ред, Собранието се дави во над 200 амандмани, но одговор на суштинските прашања нема:
Кога ќе се зголеми минималната плата?
Дали некој ќе одговара за нереалните буџетски прикажувања?
Зошто се финансираат нефункционални институции додека здравството, образованието и земјоделството тонат?
Финансиската стабилност што ја ветува Владата се сведува на политички маркетинг, зад кој стојат нови задолжувања, пренаменување на средства и прикривање на буџетски дупки со народни пари.
Ова не е развој, ова е реанимација на систем кој ја жртвува социјалната правда за да преживеат привилегираните. Работникот повторно е невидлив, освен кога треба да ги полни буџетските дупки.
Ребалансот не е надеж. Тој е дијагноза. А дијагнозата гласи: државата тоне, а работниците плаќаат.

