Стојанче Ангелов со генијално решение за спречување пожари – Граѓаните да си ги искосат тревниците

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, повторно се појави на прес-конференција. Не со план, не со резултати, туку со стари совети и нови оправдувања. Според него, летово ќе биде тешко. Сериозно? Тоа ли е анализата? Како да не знаеме сите дека пожарите ќе бидат секојдневие кога државата секоја година влегува неподготвена.

Пожарите веќе почнаа, но Стојанче доаѓа со добра вест, имаме еден Ер-трактор. Вториот можеби ќе проработи следната недела, а за третиот „нема информација“. Тоа е официјалниот капацитет на државата. А додека лета само еден авион, Ангелов фрла благодарности кон Владата што им ја зголемила платата на пилотите. Да, супер, сега платата е повисока, само уште авиони да има.

Во меѓувреме, се палат села, полиња, ливади. За тоа, Ангелов има едноставно решение: граѓаните да си ги искосат тревниците. Значи, наместо ДЗС да гасне пожари, граѓаните треба да гаснат одговорност. Ако ви изгори викендицата, не сте ја искосиле доволно. Ако пожарот стигне до селото, не сте пријавиле движење низ шума. Ако нема кој да гаси, нема доволно инспектори, ама ќе се реши.

Стојанче раководи со институција која секое лето изгледа изненадено дека постои лето. И сега повторно ќе нè уверува дека сè е под контрола, со еден трактор, половина тим инспектори и надеж дека граѓаните со косилки ќе го спасат денот.

Ако има нешто сигурно ова лето – тоа е дека пожари ќе има многу, а Дирекцијата ќе биде исто толку неспособна како и секогаш. Само Ангелов ќе држи повеќе прес-конференции.