Нов скандал ја тресе полицијата, полициски службеник од СВР Тетово е осомничен дека, користејќи ја својата позиција, незаконски пријавувал и одјавувал странски државјани од својот дом во село Шемшево. Случајот го откри МВР, по претрес извршен во ноќните часови на 3 јули, по судска наредба од Основниот кривичен суд – Скопје.
Како што информираат од Министерството, во домот на 53-годишниот полицаец И.А. биле пронајдени дури 27 празни картони за пријавување странски државјани, сите со официјален печат на МВР. Покрај нив, биле запленети и еден куршум, записници за сторени прекршоци, платни налози и лични документи на странци, доказен материјал што остава силен сомнеж за сериозна злоупотреба на службената положба и можен шема-криминал поврзан со престој на странски државјани во земјава.
МВР најави дека по целосно документирање на случајот, против полицаецот ќе биде поднесен соодветен поднесок.