Кина направи нов чекор кон иднината на транспортот со успешното тестирање на својот прототип за маглев воз кој достигнува брзина од 1.000 километри на час.
Возот беше тестиран во низковакуумска цевка долга 2 километри, лоцирана во провинцијата Шанси и претставува најбрз копнен транспортен систем досега демонстриран. Станува збор за иновативна технологија која комбинира магнетна левитација со вакуумски тунел за да ги елиминира речиси сите форми на триење и со тоа овозможува брзини слични на патнички авион, но на земја.
Тестовите, спроведени од Кинеската аеронаутичка и вселенска индустриска корпорација (CASIC), покажаа стабилна магнетна левитација, успешно сопирање и безбедна навигација на возот. Проектот се развива во рамки на иницијативата T-Flight, со амбициозни планови за изградба на 60-километарска тест-траса, што би овозможило тестирања на целосна брзина и евентуално отворање на првата комерцијална вакуум-маглев линија.
Паралелно со брзината, инженерите работеа и на решавање на еден од најголемите предизвици: удобноста при возење на толкава брзина. Истражувања покажаа дека инфраструктурни нерамнини при брзини над 400 км/ч може да предизвикаат силни вибрации, класифицирани како „екстремно непријатни“ за патниците. Но, благодарение на нови интелигентни системи за контрола, базирани на вештачка интелигенција, тие успеале да ги намалат вибрациите и бучавата за повеќе од 50%, што ја отвора вратата кон комерцијална употреба со прифатливо ниво на удобност.
Проектот исто така вклучува и дигитална компонента, планира се вградба на 5G комуникациска мрежа и интелигентни базни станици во тунелите, за да се овозможи непречено следење и комуникација дури и при брзини од 1.000 км/ч. Долгорочната визија е поврзување на големите урбани региони како Пекинг и Шангај за помалку од 90 минути, што би конкурирало на авионскиот сообраќај, но со значително пониски емисии и оперативни трошоци.
Сепак, предизвиците остануваат значајни, изградбата и одржувањето на вакуумски цевки од десетици километри е скапо, технолошки сложено и бара беспрекорна безбедносна инфраструктура. Прашања како евакуација во итни случаи, прекин на вакуумот или дефекти сè уште се активен предмет на инженерски анализи.
Со оваа технолошка демонстрација, Кина јасно сигнализира дека е подготвена да предводи во новата ера на хипербрз копнен транспорт. Иако масовна употреба сè уште е далеку, првите чекори веќе се направени и тие ја менуваат самата идеја за тоа како ќе патуваме во иднината.