Иран ja суспендира соработката со МААЕ по воздушните напади – Нема надзор на нуклеарните објекти додека нема гаранции

Иран го прекинува надзорот на својата нуклеарна програма од страна на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), откако претседателот Масуд Пезешкијан го потпиша законот што беше изгласан во парламентот на 25 јуни, веднаш по завршувањето на вооружениот конфликт со Израел. Одлуката е официјализирана и потврдена од Уставниот совет на чуварите, а според иранската државна телевизија, законот предвидува целосна суспензија на соработката со агенцијата сè додека не бидат исполнети строго дефинирани услови. Тие вклучуваат безбедносни гаранции за нуклеарните постројки на Иран, како и за научниците што работат на програмите, по неодамнешните напади на Израел и САД врз објектите во Фордоу, Натанц и Исфахан.

Како дел од новите мерки, на директорот на МААЕ, Рафаел Гроси, му е забранет влез во земјата. Иранските власти го обвинуваат за “недозволива попустливост кон израелските напади” и за тоа што не обезбедил никаква заштита или политичка реакција по нападите врз нивната инфраструктура. Законот ја исклучува МААЕ од можноста за надзор, инспекции и инсталација на камераски системи во иранските нуклеарни објекти, освен со специјално одобрение од Врховниот национален безбедносен совет на Иран.

Западните земји, меѓу кои САД, Германија и Франција, остро реагираа на потегот, оценувајќи го како опасен и дестабилизирачки. Американскиот Стејт департмент изрази „длабока загриженост“ и најави координирани дипломатски мерки. Израелскиот министер за надворешни работи изјави дека Иран „влегува во мрак“ и повика на повторно активирање на санкцискиот механизам од нуклеарниот договор од 2015 година. Директорот на МААЕ, Рафаел Гроси, пак, порача дека Иран „игра со глобалната безбедност“ и го повика Техеран да го преиспита потегот пред состанокот на Советот на управувачи.

Мерките на Иран се реакција на 12-дневниот вооружен судир со Израел, кој кулминираше со неколку напади врз стратешки цели внатре на иранска територија. Според иранските медиуми, штетата на нуклеарните објекти е сериозна, а властите ја обвинуваат МААЕ дека молчела додека нивните истражувачки центри и кадри биле под напад.

Со оваа одлука, Иран и дефинитивно излегува од рамките на т.н. доброволна транспарентност што произлегуваше од Заедничкиот севкупен акционен план (JCPOA), а меѓународната заедница останува без ефективен механизам за увид во активностите на Техеран во областа на збогатувањето ураниум. Политичките аналитичари предупредуваат дека ваквата изолација на Иран може да доведе до понатамошна милитаризација на регионот и зголемен ризик од отворен конфликт.

Иранските власти, пак, порачуваат дека нема да се откажат од сувереното право на развој на нуклеарна енергија за мирољубиви цели и дека „нема веќе да соработуваат со институции кои станале продолжена рака на непријателски интереси“. Според нив, прекинот на соработката со МААЕ е „привремен“, но ќе остане во сила сè додека не се обезбеди фер третман и конкретна заштита од меѓународната заедница.