Полска започна експериментален пилот-проект за воведување четиридневна работна недела без намалување на платите, со цел подобрување на квалитетот на животот на вработените и справување со сериозната демографска криза. Програмата, која стапува во сила од 1 јули 2025 година, е дел од поширока стратегија на Владата за реформа на пазарот на труд и поттикнување на позитивни социјални промени.
Проектот предвидува неколку опции: скратување на неделното работно време преку четиридневна работна недела, намалување на дневното работно време на шест часа, како и можност за зголемување на бројот на платени денови од одмор. Изборот на конкретен модел ќе биде препуштен на работодавачите, кои ќе можат флексибилно да ја организираат работната недела во согласност со своите организациски потреби, сè додека не се намалуваат платите на вработените. Некои компании, на пример, ќе можат да ја задржат петдневната работна недела, но да ја компензираат со дополнителни слободни денови во текот на годината.
За да се олесни прилагодувањето на новиот систем, Владата ќе обезбеди финансиска поддршка за сите заинтересирани фирми и институции кои ќе се приклучат на пилот-програмата. Секоја организација ќе може да добие до еден милион злоти за покривање на трошоци поврзани со организациски промени, адаптација на работните процеси, како и анализа и евалуација на резултатите од примената.
Министерката за труд и социјална политика, Агњешка Џемианович-Бонк, истакна дека оваа иницијатива е одговор на сериозниот социјален предизвик со кој се соочува земјата, драстичниот пад на наталитетот и иселувањето на работоспособното население. Според неа, долгиот работен ден и преоптовареноста на работниците директно придонесуваат за намалување на семејното време, одложување на родителството и зголемен стрес. Со воведувањето на пократка работна недела, Владата очекува подобрување на менталното и физичкото здравје на вработените, зголемување на продуктивноста, како и поттикнување на демографскиот раст.
Полска е една од европските земји со најдолга просечна работна недела, која надминува 40 часа, што ја позиционира на дното според рамнотежата меѓу работата и приватниот живот. Новиот модел треба да ги подобри овие параметри, а во исто време да ги задржи економските резултати, благодарение на зголемената ефикасност и посветеност на вработените. Првичните искуства од неколку полски компании кои веќе тестирале ваков модел покажуваат намален број боледувања, поголемо задоволство кај вработените и стабилни финансиски резултати.
Пилот-програмата ќе трае 15 до 18 месеци и ќе биде предмет на постојан мониторинг и анализа од страна на надлежните институции. По завршување на пилотот, Владата ќе подготви извештај со препораки за евентуално проширување на моделот на национално ниво и вклучување на елементите од новиот систем во Законот за работни односи.