Куцуловски: Со децении украдени соништа – Младите помеѓу егзодусот, депресијата и трагедиите

  • Став на Андреј Куцуловски – член на Извршниот Комитет на Црвена Младина

Материјалните околности за еден млад човек во Македонија се очајни. Живееме во општество каде што сопственото знаење и вложениот труд резултираат само со поголема желба што побрзо да се напушти државата. Можностите за добро платена работа во фирма што ги почитува работничките права речиси и да не постојат. Иселувањето наликува на егзодус. Многу млади луѓе навистина си ја сакаат Македонија, но, се приморани да работат во странство каде што ќе робуваат за туѓи бели дворови.

Чувството дека се наоѓаш во слепото црево на Европа е поразително, особено кога ќе ги видиш своите врсници од други земји и нивниот начин на живот. А кога ќе посакаш да се тргнеш од целиот тој хаос, да отидеш на некоја забава со пријателите, си го ставаш животот во ризик затоа што дискотеката ги подмитила институциите за да добие лиценца.

Во овој момент, голем дел од младите во Македонија ги живеат најтешките денови во поновата историја на државата. Тие се соочуваат со невидлив непријател, една огромна психолошка борба каде не преживува секој. Бројките се страшни. Последниот случај во студентскиот дом „Гоце Делчев“ укажува на сериозна анксиозност и депресија кај младите, состојба што е потполно игнорирана од сите релевантни институции и носители на јавни дејности.

Често слушаме: „младите ги мрзи да работат“, „не се амбициозни“, „треба да се хасла“, и слични пароли кои веќе не доаѓаат само од интернет brainrot, туку директно од Премиерот и неговите министри. Поради нивната безочна класна дистанцираност, истите никако не можат да сфатат дека младите се борат за живот, да излезат некако од лимбото наметнато врз нив од расипаните политики во изминативе 30 години.

Функционерите можеби ја заборавија трагедијата во Кочани. Но, младите паметат, и секој ден се соочуваат со таа реалност. Нормално дека ќе бидат апатични. Како да се смени нешто ако сè е волку гнило?

И повторно, од нас зависи. Овој пат се бара да се избориме со нашите емоции и да се избориме со политичките состојби што нè донесоа до ова дереџе.

Повторно, младите ќе се покажат како најпрогресивна сила, иако сме малкумина, иако се бориме со непријател што е навидум непознат.

Ситните души што 30 години гледале само за својот личен интерес создадоа општество каде што треба секој да си гледа само за себе, никако подалеку од сопствениот џеб, а потребите на пошироката заедница се тотално занемарени.

Нормално е младите во ваков капиталистички систем, што е длабоко неправеден и суров, да се соочуваат со депресии, анкциозности и чувство на безизлезност.

Во државата владее епидемија на депресија што кај многу луѓе завршува со трагичен крај.

Но, изгледа ни е сè уште тешко да разговараме за оваа тема…