„Пиреј“ на Петре М. Андреевски номиниран за престижната меѓународна книжевна награда „Јаснаја Полјана“

Романот „Пиреј“ на великанот на македонската книжевност Петре М. Андреевски доби значајно меѓународно признание, книгата е номинирана за престижната Толстоева книжевна награда „Јаснаја Полјана“, во категоријата „Пропуштени ремек-дела“. Преведен на руски јазик од Олга Панкина, романот е вклучен во потесниот избор од осум дела, номинирани од автори од шест земји.

Листата ја објавија коосновачите на наградата, Музејот „Лав Толстој“ и компанијата Samsung Electronics. Во 2025 година, жирито составено од истакнати руски писатели, литературни критичари и јавни личности, предводени од Владимир Толстој, правнук на големиот Лав Николаевич Толстој, се одлучи за селекција на осум дела со голема книжевна вредност кои долго време биле надвор од вниманието на руската читателска јавност.

Покрај Андреевски, во конкуренција се наоѓаат и светски познати автори:

Антонија Сјузен Бајет („Девојка во градината“)

Џон Барт („Трговец со отров“)

Роберто Болано („2666“)

Габриел Гарсија Маркес („Ќе се видиме во август“)

Исмаил Кадаре („Генерал на мртвата армија“)

Хилари Мантел („Срце на бура“)

Сју Таунсенд („Жената што легна во кревет за една година“)

Името на добитникот ќе биде објавено во октомври, на свечената церемонија на доделувањето на наградата во Русија.

Преведувачката Олга Панкина, која го адаптираше „Пиреј“ на руски јазик, изрази гордост што ова македонско книжевно ремек-дело е меѓу кандидатите за оваа важна награда, која има за цел да го обнови вниманието кон големите, но недоволно присутни дела на светската литература.

„Пиреј“, објавен во 1980 година, е еден од најзначајните романи на македонската литература, длабоко вкоренет во националната историја, колективната меморија и страдањата на обичниот човек низ турбулентните времиња. Ваквото меѓународно признание претставува нов поттик за афирмација на македонската книжевност на светската сцена.

Може да ве интересира