Оровчанец-Спироска: Хераклеа како сценографија за партиски триумфализам

  • Став на Елена Оровчанец-Спироска

Во Македонија, држава каде институциите одамна се повлекоа пред партиските интереси, културното наследство стана уште една жртва на политичката инструментализација. Последниот, крајно симптоматичен пример доаѓа од Битола, каде ВМРО-ДПМНЕ го одбележа својот 35-годишен јубилеј во срцето на античкиот локалитет Хераклеа Линкестис, еден од најзначајните археолошки локалитети во Македонија. Овој чин не е само прашање на желба и вкус, туку сериозно прашање за злоупотреба на културното наследство и директна демонстрација на партиска моќ.

Хераклеа не е само куп камења, антички ѕидови и мозаици. Таа е сведоштво за цивилизација, за духовен и културен живот кој низ вековите се развивал на ова поднебје. Таа е наша заедничка историја, не на партија, уште помалку на една партија која претендира присвојување. Нејзиното претворање во сценографија за партиска прослава е чин кој ја деградира вредноста на локалитетот, но уште повеќе ја деградира идејата дека културното наследство припаѓа на целото општество. Со организирање на партиски настан во овој заштитен локалитет, владејачката партија испрати јасна порака: „Историјата е наша. Овој простор е наш.“ Тоа не е само политичко присвојување на минатото, туку и на идентитетот. Така се поткопува концептот на заедничка културна припадност, се монополизира историската меморија, и се приватизира нешто што е дел од колективната душа на државата.

Она што го прави овој случај уште поалармантен е фактот дека, да се обидеше било која друга партија или организација да организира ваков настан во истиот простор, тоа најверојатно ќе беше спречено. Би следеле одбивања, бирократски одговори, повикување на заштитен режим, рестрикции, па дури и казни. Но, кога се работи за владачката партијата, таа сама себе си ги издава дозволите, сама си ја одобрува употребата на просторот, и најпосле, сама си ги замолчува институциите. Тука веќе не зборуваме само за партиска самоволност, туку за системска злоупотреба на институциите и ресурсите од јавен интерес.

Во овој контекст, клучно прашање е: Има ли вакви примери во Европа? Одговорот е речиси едногласен – НЕ. Во земји со богато културно наследство како Италија, Франција или Грција, ваков настан би бил незамислив. Во Италија Колосеумот не се користи за партиски митинзи. Во Грција Акропол е под строги протоколи, дури и за државни церемонии, а не, пак, за партиски собири. Во Франција Лувр не е достапен за политички манифестации, токму за да не се наруши принципот на културна неутралност. Во тие земји, институциите постојат да го штитат културното наследство, а не да го сервираат на политичките елити.

Кај нас проблемот е двоен. Од една страна, културното наследство се претвора во реквизит за политичко самопромовирање, а од друга се разоткрива крајната подреденост на институциите. Па така оние кои треба да бидат бранители на културната меморија, стануваат персонал на партискиот театар.

Ова не е партиска критика. Ова е критика на принципот. Да го направеше истото која било друга партија, реакцијата мораше да биде иста. Затоа што тука не станува збор за тоа кој го направил, туку за тоа што е направено: јавен, заштитен, културно значаен простор е претворен во партиска сцена. Ако дозволиме културното наследство да се користи на ваков начин, утре ќе гледаме митинзи во базиликата во Стоби, изборни штабови под Скопскиот аквадукт или говори во Курбиново. И тогаш нема веќе да зборуваме за политика, туку за крај на јавниот морал.

Хераклеа не е место за партиски прослави. Таа е место за достоинствено сеќавање. Место што нè потсетува дека сме дел од нешто поголемо, нешто што не смее да се присвојува. И не само што не смее да се присвојува, туку не смееме ни да дозволиме да се случува присвојување.