- Колумна на Филип Митревски
Некогаш туристичка гордост на Македонија, денес – симбол на заборавените ветувања и распаднатата визија за развој.

На брегот на Преспанското Езеро, опкружено со природна убавина и мир, се наоѓа Отешево – поранешен туристички центар кој во златните години бил втор по големина во Македонија, веднаш по Охрид. Местото кое привлекувало посетители од целиот свет, вклучително и државни делегации и самиот Јосип Броз Тито, денес претставува напуштена сенка од своето минато.
Отешево беше изградено во периодот од 1948 до 1950 година како државен туристички комплекс со над 7000 легла, 11 хотели и павилјони, како и камп со 250 единици. Заедно со природната магија на Преспа, Отешево беше вистински центар на живот, одмор и елитен туризам во тогашната СФРЈ.
Но времето, политичката негрижа и неодржливите инвестиции го претворија овој регион во урнатина. Од 2006 година, кога португалската компанија „Аквапура“ го купи хотелот „Европа“ за само едно евро по метар квадратен со ветување за инвестиција од 50 милиони евра, ништо не е реализирано. Сѐ уште стои само празно ветување дадено пред избори – без градежни машини, без туристи, без развој.

Подоцна, сопственоста на хотелот премина во рацете на „Глобал Инвестмент Фонд“ од Обединетите Арапски Емирати. Деталите за зделката не се јавно објавени. Ниедна од најавените инвестиции не се реализираше, а локалните жители сè почесто изразуваат разочараност и бес поради негрижата.
„Отешево не заслужува да биде жртва на политички игри и бизнис спекулации. Ова место има потенцијал да стане туристички бисер, но само со искрена визија и одговорна власт,“ велат локални активисти.
Наместо туристички капацитети, денес во Отешево има урнати фасади, запуштени хотели и обрасната инфраструктура. Сцените се повеќе личат на постапокалиптична слика отколку на туристички потенцијал на 21-ви век.

Се поставува логичното прашање: до кога ваквите проекти ќе бидат заложници на празни ветувања? И дали македонскиот туризам навистина има шанса ако националните богатства како Отешево продолжат да пропаѓаат?