Општина Куманово, предводена од градоначалникот и лидер на ЗНАМ, Максим Димитриевски, ќе добие речиси 243 милиони денари од унгарскиот кредит вреден 50 милиони евра – информација која, според Левица, отвора сериозни сомнежи за политичка награда и скриени зделки.
Во соопштение до јавноста, Левица прашува дали средствата се доделени како „награда“ за, како што велат, осумгодишно неуспешно управување со градот, кое резултирало со „само два кружни тека и вечно крпење на сигнализацијата“, или, пак, заради четиригодишна коруптивна соработка со ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата потсетува на неколку проекти кои, според нив, претставуваат фијаско. Меѓу нив е и т.н. „НБА семафор“, за кој биле потрошени 10 милиони денари, како и аферата со Деталниот урбанистички план за „Лидл“, протуркан со поддршка од ДУИ и ДПМНЕ, наводно во корист на блиски роднини на Димитриевски.
Од новите проекти кои се финансирани од истиот кредит, Левица го издвојува случајот со атмосферската канализација на ул. Бајрам Шабани, каде улицата сè уште е раскопана и непроменета од почетокот на 2025 година. Ист е случајот со гасоводната мрежа на ул. В.С. Бато во населбата Зелен Рид, каде по завршувањето на работите улицата останала неасфалтирана и претставува ризик за граѓаните.
„Овие примери јасно покажуваат дека Димитриевски нема капацитет ниту за планирање, ниту за реализација на јавни инвестиции“, стои во соопштението.
Левица обвинува дека парите се дел од нова шема за делење јавни пари преку „надувани проекти, тендери и провизии“, во која учествуваат коалицијата ЗНАМ-ДПМНЕ-ДУИ.
Партијата најави дека ќе го следи секое денарско трошење од овие средства и ќе бара целосна отчетност, додека, како што велат, граѓаните сè уште немаат ниту основни јавни услуги.
Целото соопштение на партијата во продолжение:

