Димитриев: Брзата пруга ќе ја чини Македонија речиси милијарда евра само за камати

Марјан Димитриев излезе со сериозни критики на Фејсбук во врска со најавениот инфраструктурен мегапроект – изградбата на брза железница, за која Владата најави заем од две милијарди евра.

„Се удираат во гради дека со 2 милијарди ќе ја развиваат Македонија, но каматната стапка на овој кредит ќе изнесува меѓу 5 и 5,5%, што значи дека само за камати ќе вратиме речиси 941 милион евра за 15 години“, пишува Димитриев.

Тој посочува дека земји како Романија, Бугарија, Полска и Кипар за вакви проекти добивале неповратни средства од Европската унија во износ до 25 милијарди евра, додека Македонија, иако земја-кандидат, не побарала алтернатива на скапото задолжување.

„Нема ниту една јавно достапна студија за тоа дали оваа пруга е навистина потребна за приватниот сектор, ниту анализа за исплатливоста на проектот“, предупредува Димитриев, додавајќи дека бројките што ги пласира ВМРО-ДПМНЕ од 100 до 120 милиони евра годишна добивка „се дадени без покритие“.

Дополнително, тој отвора прашање и за капацитетите на градежниот сектор во земјата, имајќи предвид дека домашните компании се веќе преокупирани со изградбата на коридорите преку Бехтел и Енка. „Дури и ако 30% од работата ја преземат британски компании, кој ќе ги изведува преостанатите 70%?“, прашува тој.

Во својот статус, Димитриев ја поврзува најавената пруга со укинувањето на контролата на јавните набавки над 500.000 евра, како и со стратешкиот договор со Велика Британија, за кој тврди дека не дава правна можност за арбитража во случај на злоупотреби.

„Ова ли е подготовка за најголемата кражба врз македонскиот народ?“ – прашува Димитриев, наговестувајќи сомнежи во транспарентноста и оправданоста на најавениот инфраструктурен зафат.

Целата негова Фејсбук објава во продолжение: