РЕК Осломеј мртов – РЕК Битола изгасната: Цела држава на раб на енергетски слом

Повеќе од десет дена по испаѓањето на РЕК Осломеј од електричната мрежа, термоелектраната сè уште не произведува струја, и покрај најавите на раководството на АД ЕСМ дека ќе биде повторно пуштена во рок од 48 часа. Граѓаните и енергетскиот систем остануваат заложници на неспособното управување, се вели во острата критика што денеска пристигна во јавноста.

Во меѓувреме, во РЕК Битола настана пожар во команден ормар, што според обвинувањата е резултат на лошо одржување и нерегуларно чистење. Целиот капацитет е исклучен од системот, што дополнително ја влошува ситуацијата со домашното производство на електрична енергија.

Наместо преземање одговорност, раководството на ЕСМ, според критичарите, се обидува да го пренасочи фокусот кон наводни „саботажи“ и создава атмосфера на страв меѓу вработените.

„За да го оправдаат своето неспособно раководење, прават сензации со наводни саботажи и заплашување на вработените,“ се наведува во реакцијата.

Во вакви услови, според истите информации, оставки поднеле и претседателот на Надзорниот одбор на ЕСМ, како и директорот на правниот сектор – со што се дистанцираат од „тонењето на бродот“.

Јавен повик беше упатен и до другите членови на Управниот одбор, вклучително и до неговиот претседател Лазо Узунчев, итно да си поднесат оставки.

„Да бидат совесни и разумни и навремено да си поднесат оставки, да не го упропастуваат ЕСМ, бидејќи за истото ќе одговараат,“ стои во пораката.

Колапсот во клучните енергетски капацитети доаѓа во критичен период, кога сигурноста на домашното снабдување со струја е од пресудно значење.

Може да ве интересира