Калас најавува воена Европа – Русија како алиби за европскиот воен бизнис

Европската Унија уште еднаш се претстави како заедница на „миротворци“ со шлем на глава и бомба во рака. Новата шефица за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, во својот прв поголем настап не пропушти прилика да ја маркира Русија, како „директна закана“, при што ги повика земјите-членки на НАТО да се обединат и да фрлат уште повеќе пари во бездната наречена воена индустрија.

На сето ова, Калас го продава стариот, веќе познат европски наратив: Русија трупа оружје, Русија планира агресија, Русија ве демне од воздух, под земја, под вода, низ цевководи и кабли. А одговорот? Не е дипломатија, не е мир, не е социјална правда. Одговорот е повеќе оружје, повеќе пари за НАТО и уште поголема милитаризација на континентот кој одамна го загуби кредибилитетот на “мировна сила”.

Калас без трошка самокритика изјавува дека Русија годинава потрошила повеќе за војска отколку за здравство, образование и социјална заштита, но го премолчува фактот дека токму ЕУ и НАТО ја туркаат Европа кон истата таа пропаст. Наместо да биде гласот на разумот, Калас предлага 5% од БДП на секоја членка да се дава за „одбрана“, од кои 3,5% директно за воена опрема. Со ваков пристап, тешко дека Европа ќе остане „мирна“, уште помалку социјално праведна.

Цинично е, речиси карикатурално, кога Калас вели дека „денес Русија нема шанси против ЕУ и НАТО, но мора да останеме обединети“. Ако Русија нема шанси, зошто тогаш трескавично трошите милијарди за војска? Дали можеби вистинската закана не е Русија, туку вистинската криза е економска, енергетска и политичка, па заканата од „надвор“ служи како завеса за неуспесите внатре?

Најмрачното од сè беше цитатот на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој Калас го спомна со симплифицирана шега: „Ако не сакаме да ѝ помагаме на Украина, сите ќе мора да учиме руски“. Таквата реченица во суштина ја објаснува целата ЕУ стратегија, плашете го народот, трошете му ги парите, затварајте му ги болниците, но кажете му дека го правите тоа за да не зборува руски.

Поддршката за Украина, нормално, се користи како параван, но тешко дека некому му е грижа за украинскиот народ, повеќе се грижат за украинските пазари, природни ресурси и геополитичка позиција.

На крај, Калас заклучува дека „тешките времиња бараат тешки одлуки“, но нејзините одлуки ги плаќаат обичните граѓани, не корпорациите кои профитираат од производство на оружје. Европа не носи порака на мир, туку на нова фаза од Студената војна, во која логиката на силата го заменува разумот.