Ерупција на вулканот Левотоби Лаки-Лаки во јужниот централeн дел на Индонезија ги вознемири локалните власти и жителите, откако на 17 јуни попладне се случи силна експлозија која исфрли столбови од врела сива пепел до 10.000 метри височина. Индонезиските власти веднаш ја активираа највисоката фаза на тревога и ја проширија забранетата зона околу кратерот на осум километри.
Ерупцијата создаде печурка-облак кој беше видлив и од градови оддалечени до 150 километри. За среќа, досега нема потврдени жртви или штети, но жителите се предупредени да внимаваат на можни лавини од кал и пепел, особено при обилни дождови.
„Вулканот е во многу активна фаза, со висока фреквенција на еруптивни настани. Нашите тимови се постојано на терен и ја следат состојбата“, соопштуваат Индонезиската геолошка агенција.
Сè уште нема информации за нарушен авионски сообраќај, но аеронавигациските служби внимателно ја следат ситуацијата поради потенцијалната опасност од пепелта која се шири во горните слоеви на атмосферата.
Левотоби Лаки-Лаки, висок 1.584 метри, е еден од двата поврзани вулкани во областа Флорес Тимур, неговиот „двојник“ е Левотоби Перемпуан, кој се смета за посмирен. Името „Лаки-Лаки“ значи „маж“, а „Перемпуан“ – „жена“, што го отсликува локалниот начин на именување и односот кон природните појави.
Ова не е прва катастрофа поврзана со вулканот, во ноември минатата година ерупција на Левотоби Лаки-Лаки однесе девет животи и повреди десетици лица.
Индонезија, со 270 милиони жители, е една од сеизмички најактивните земји на светот. Со над 120 активни вулкани, земјата се наоѓа на таканаречениот „Огнен прстен“, појас на вулкански и тектонски активности што го опкружува Пацификот. Само во последните шест месеци, неколку вулкани, вклучително и Марапи во Западна Суматра, се активираа со различен интензитет.
Властите повикуваат на смиреност, но и на будност, жителите и туристите се советуваат строго да ги почитуваат предупредувањата и да не се приближуваат до активните зони.

