Цуцуловски и Ванковска: Седум години Преспански договор – Реалност која сѐ уште е нелегална

Седум години по потпишувањето на Преспанскиот договор, што на 17 јуни 2018 година беше претставен како „историски чекор“ кон европска иднина, Македонија не само што не ги доби ветените интеграции во Европската Унија, туку и натаму живее во реалност во која легалноста на договорот е длабоко оспорена. Наместо исполнување на европските ветувања, Преспанскиот договор остана „инспирација“ за нови билатерални уцени, како што е случајот со Бугарија и пример за политички опортунизам под маската на меѓународен успех.

Во интервју за порталот МКД, универзитетскиот професор Љубомир Цуцуловски укажува дека „да се говори за придобивките или штетите од Преспанскиот договор, т.е. Договорот од Нивици и после седум години е апсурдно, затоа што овој договор во правна и легислативна смисла е ништожен, бидејќи не исполнува повеќе услови за да ја стекне и да ја има својата легитимност и законитост.“

Цуцуловски наведува три основни причини за ваквата оценка:


„Прво, овој договор не е потпишан од претседателот на државата, како што предвидува Уставот. Потоа, кој го овласти министерот за надворешни работи да потпишува таков договор, бидејќи вообичаено тоа го прават политичари на повисоки нивоа или ги овластуваат политичарите од понизок ранг. Во формална смисла, за потпишување на Договорот од Нивици, такво овластување нема. Третиот спорен момент е прифаќањето на овој договор од Собранието, со целата проблематичност околу неговото конституирање на 27 април 2017 година и сомнежите за корупција кај пратениците кои гласаа за договорот.“

Според Цуцуловски, иако еден аргумент би бил доволен за негово раскинување, политичката реалност во земјава функционира по логиката: „постои, значи е факт“. Тој поентира:
„Но, да направиме една парабола: кога ќе се случи некој криминален настан, кражба или убиство, факт, реалност, стварност е дека се случил настанот. Но тоа не значи дека стореното е легално!“

На ист став е и универзитетската професорка Билјана Ванковска, која уште во 2018 година беше гласен противник на договорот. Таа потсетува:
„Седум години подоцна, стојам на позициите на преку 200-те интелектуалци (меѓу кои и денешната претседателка), кои уште во февруари 2018 предупредуваа да не се потклекне пред притисокот на Западот и Атина. Сѐ што кажавме излезе вистина: го трампавме уставниот суверенитет, идентитетот, па дури и АСНОМ за влез во воена алијанса. Наместо ‘тапија за државност’ станавме колонија, која е сега предмет на уште подрска уцена од Софија и ЕУ.“

Ванковска е децидна:
„Наместо ‘европско бесплатно здравство’ издвојуваме повеќе буџетски средства за војување. Политичарите покажаа дека ниту знаат нешто за дипломатија, ниту се патриоти… Решението е во политичка волја, интегритет и знаење на меѓународното право (Виенската конвенција). Но кај политичката каста нема да најдете ниту еден од трите услови.“

Професорката се осврнува и на неисполнетите ветувања од претседателската кампања на Гордана Силјановска-Давкова:
„Во претседателската кампања во 2019, Силјановска ветуваше врвен тим на професори по меѓународно право како консултанти за оспорување и напуштање на Преспанскиот договор. Едниот од тие луѓе денес има 94 години, а другиот почина. Претседателката ја заборави идејата, ако воопшто и ја имала.“

Седум години подоцна, Македонија сè уште не ги започнала преговорите со ЕУ, иако Преспанскиот договор беше претставен како неопходен услов за тоа. Единствената „официјална“ придобивка, членството во НАТО, сѐ почесто се спомнува како празна компензација за уставни отстапки и трајно редефинирање на македонскиот идентитет во меѓународен контекст.

Информациите и изјавите во овој текст се преземени од интервју објавено на порталот МКД.мк.

Може да ве интересира