На 10 јуни во Гуангчжоу, Кина, се одржа промотивна церемонија за тројазичната поетска збирка „Од две страни сонце грее: Современа македонска и кинеска поезија и книжевен дијалог“, на која учествуваше и македонскиот филолог и доктор по кинеска филологија, Игор Радев.

Ова издание, што ќе биде објавено во септември од најреномираната кинеска издавачка куќа за уметничка литература Хуа Ченг (花城 – „Цветен град“), содржи дела од седум македонски и седум кинески поети. Збирката е резултат на заедничката иницијатива „Македонско-кинеска поетско-преведувачка работилница: Поезијата во превод меѓу цивилизациите“, одржана во Охрид во август 2024 година, под организација на МАНУ и Пекиншкиот јазичен универзитет.

Збирката е објавена на три јазици – македонски, кинески и англиски – и се смета за прво систематско претставување на современата македонска поезија во кинеското говорно подрачје, што ѝ дава историска културна важност.

Настанот, кој се одржа во книжевниот салон Ван’чју (湾区书屋), беше организиран од страна на Кинескиот институт за иновации и развојни решенија, Центарот за културна размена на Гуангчжоу, Литературниот институт Хуа Ченг и самото издаваштво. Промоцијата беше насловена „Поетската суштина и искра меѓу цивилизациите“ и вклучуваше читање поезија во превод, современа културно-уметничка програма и јавна дебата за поезијата како медиум за меѓуцивилизациска комуникација.

Уредници на изданието се Игор Радев од македонска страна и кинеската поетеса Лју Јуе, а издавачката куќа ја претставуваше нејзината директорка Чжанг Ји.

