Собранието утре повторно ќе се соочи со тест на совеста. Дали конечно ќе се одржи надзорна расправа за трагедијата во Кочани или повторно ќе надвладеат теснопартиските интереси? На дневен ред на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот е иницијативата на Левица, поднесена од нејзиниот претседател и пратеник проф. д-р Димитар Апасиев.
Ова е трет обид на опозициската партија Левица да иницира институционален одговор на трагедијата во дискотеката „Пулс“. Досегашните обиди беа блокирани од пратениците на владејачкото мнозинство, составено од ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ. Последното одбивање беше на 4 јуни, без никаква понатамошна институционална реакција, без комеморативна седница, без анкетна комисија и без отчет од надлежните органи.
„Утре е третиот обид на Левица да ги натера бездушните вмроиди на собраниска надзорна расправа за Кочани – која, како институција, им ја должиме на кочанчани!“ – напиша Апасиев на својот Фејсбук профил, потенцирајќи дека ова е тест дали ќе надвладее јавниот интерес или „теснопартиските криминогени рекетарски шеми“. Тој додаде дека инсистирањето на оваа расправа не е само политичко, туку и лично, како човек кој долг период предавал на Правниот факултет во Кочани и лично ги познава дел од погодените.
„Сметам дека сме останати должни на граѓаните на Кочани. Не можеме како ноеви да ја туркаме главата во песок. Ова е трагедија од европски, па и светски размери и мора да се види кој и каде згрешил,“ изјави тогаш Апасиев.
Одлуката што утре ќе ја донесе Комисијата ќе биде индикатор за тоа дали македонските институции се подготвени да се соочат со болната вистина и да преземат одговорност, или ќе продолжат со прикривање и молк.
Левица најави дека ќе продолжи да врши притисок сè додека вистината за кочанската трагедија не излезе на виделина, а виновните не бидат посочени.
Објавата на Апасиев ви ја пренесуваме во целост:

