Инженерско предупредување од Мустафаоглу – Политичките игри на Владата ќе ја уништат енергетиката

Министерката за финансии, Гордана Димитриоска Кочоска, изјави дека Владата не може да влијае врз цените на горивата, бидејќи тие се „берзански производи“. На новинарско прашање околу растот на цените, таа одговори дека „немаме апсолутно никакво влијание“ и дека „ќе следиме што ќе се случува“ на светските пазари.

Но ваквиот став на Владата веднаш наиде на силна реакција од стручната јавност. Дениз Мустафаоглу од Здружението на инженери на Македонија реагираше дека Владата повторно работи со двојни аршини, посочувајќи дека и електричната енергија е берзански производ, но врз неа се влијае и тоа крајно непродуктивно.

„Како берзански производ ЕСМ не може да ја продава струјата за 62 евра/MWh на ЕВН, кога истата ја произведува за 110 евра/MWh“, реагира Мустафаоглу, предупредувајќи дека со таквата практика, Владата намерно го турка државното претпријатие ЕСМ кон пропаст.

Тој посочува сериозни проблеми:

ЕСМ работи со загуба од 123 милиони евра.

Не добива буџетска поддршка, туку мора да се задолжува кај банки.

Владата наместо да го заштити, го пушта ЕСМ „низ вода“ и нуди поддампинг цени од политички интереси.

ЕСМ неодамна се задолжи нови 30 милиони евра за ликвидност.

„Да го замислиме ова во реален пазар – ако директорот на ЕСМ Лазо Узунчев бил во приватна фирма и продавал производ 40% под набавната цена, дали ќе бил директор уште една минута?“ прашува Мустафаоглу, истакнувајќи дека Владата се однесува неодговорно кон најважната енергетска институција во државата.

Според него, последиците за граѓаните ќе бидат драматични:

После изборите следува зголемување на цената на струјата.

Во декември – ново редовно поскапување.

За 12 до 18 месеци, ЕСМ нема да може да ги сервисира обврските кон банките и ќе следи продажба.

Новиот сопственик (можеби ЕВН) ќе ги затвори нерентабилните капацитети како РЕК Битола и РЕК Осломеј – 3.000 семејства ќе останат без приходи.

Сметките за струја од 6.000 денари ќе скокнат на 10.000–12.000 денари.

„Очигледно е дека и струјата е берзански производ, но на неа Владата влијае и тоа многу. Но не во интерес на граѓаните, туку по диктат на политички и бизнис интереси,“ заклучува Мустафаоглу.

Во момент кога граѓаните со секојдневно поскапување се соочуваат со инфлациски удари, ваквото непланско, политизирано и нетранспарентно управување со јавните ресурси, според инженерската фела, претставува вистинска економска бомба со одложено дејство.