82 години од еден од најстрашните злостори во Македонија – Бугарскиот масакр над младоста во Ваташа

На денешен ден, 16 јуни 1943 година, кај месноста Чаир, во близина на Моклиште, бугарските фашистички сили извршија еден од најмонструозните злосторства во поновата историја на Македонија – масакрот врз 12 млади животи од селото Ваташа.

Тој крвав јуниски ден селото Ваташа беше целосно блокирано од војска и полиција под команда на полковник Љубен Апостолов, командант на 56-тиот Велешки пешадиски полк од Петтата бугарска армија, по потекло од Крива Паланка. Уште наутро, никој не смееше да излезе од својата куќа, а оние што тргнаа на работа, беа вратени назад. Тогаш започна и акцијата на апсење.

Во селската кафеана беа приведени и испрашувани неколку младинци и девојки, скоевци кои кришум им помагале на партизаните. Беа тепани, испрашувани и обвинувани дека соработувале со НОАВМ, особено за време на првомајската прослава кај Моклиште. По испитувањето, еден младинец и една девојка беа ослободени, но останатите 12 младинци и 4 девојки останаа под стража, под обвинение за помагање на партизаните и наводна подготовка за бегство во планината.

Младинците беа измачувани, а потоа во колона одведени пешки кон месноста Моклиште. Целото време им било зборувано дека одат да бидат фотографирани. На неколку места бугарските фашисти се премислувале каде да ги убијат. Кај месноста Чаир, 12 километри од Ваташа, одеднаш колона била запрена. Најстариот меѓу нив, Васо, насетил што следува и се обидел да избега, по што другите почнале да трчаат. Тоа било доволно, била издадена наредба: „Оган!“. Сите 12 младинци беа застрелани.

Четирите девојки – Мара Хаџи Јорданова, Стева Ампова, Павлина Касапинова и Ката Ицева, биле тргнати настрана. Поручникот Костов барал и тие да бидат стрелани, но началникот Опреков се спротивставил, а го поддржал и капетанот Борис Жеглов. Наредбата гласела: телата на убиените да не се враќаат во Ваташа, туку да бидат закопани таму каде што биле убиени.

По завршувањето на војната, телата на младинците беа откопани и пренесени прво на друго место, а конечно во 1963 година беа закопани на локацијата каде што денес стои голем меморијален комплекс.

Во нивна чест, на 11 октомври 1961 година беше откриена спомен-костурница на стреланите младинци, а на јужниот ѕид стои врежан еден од најмоќните стихови:
„Смртта стана немоќна пред нашата младост исправена, пред очите наши загледани, уште тоа утро во иднината“.

На местото на стрелањето подигнат е и спомен-парк со површина од 7 хектари, во кој се посадени 12 јавори како симбол на убиените млади. Денес оваа трагедија сеуште се памети како симбол на младешкиот отпор против окупаторот и ѕверска немилосрдна суровост на фашизмот. Историјата на ваташките младинци е жив спомен за цената на слободата и за должноста на секоја генерација да ја брани со достоинство, храброст и човечност.

Ваташките младинци беа убиени, но не и победени. Нивната младост, исправена пред дулата на фашизмот, е вечен симбол на непокорот, жртвата и љубовта кон слободата.
Нека им е вечна слава. Ваташа не заборава. Македонија се сеќава.

Може да ве интересира