На последната седница на Собранието, парламентарното мнозинство составено од ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ, ЗНАМ и ДУИ не го поддржа Предлог-законот за формирање на Инспекторат за државни инсигнии, поднесен од пратеничката група на Левица. Законот предвидуваше создавање на посебно тело во рамки на Министерството за правда кое би имало задача да врши надзор и контрола врз употребата на грбот, знамето и химната на Република Македонија.
Од Левица остро реагираа на одбивањето на законот, оценувајќи го како „директно спротивставување на интересот на граѓаните“ и „заштита на оние што свесно ја понижуваат државата“.
„Иако законите постојат веќе 27 години, досега не е воспоставен ниту еден реален механизам за нивно спроведување. Секојдневно сме сведоци на нивна злоупотреба, непочитување и деградирање, без каква било санкција или институционална реакција,“ се наведува во соопштението на Левица.
Партијата нагласува дека непочитувањето на државните е „долготолерирана состојба, која директно го нарушува уставниот поредок и ја поткопува интеграцијата на општеството.“
Предлог-законот требаше да воспостави јасни институционални механизми за санкционирање на злоупотребата на државните симболи од страна на физички и правни лица, како и од институции. Левица обвини дека во кабинетите на владини функционери и директори сè почесто може да се видат „симболи на други држави, додека македонското знаме се изоставува“.
„Закони без механизми за спроведување се само мртво слово на хартија, а држава која не ги штити своите симболи, го губи и својот суверенитет,“ стои во соопштението. Според Левица, одбивањето на законот е „политичка капитулација пред антидржавните структури кои со години се толерирани од власта.“
Со овој потег, сметаат од партијата, владејачкото мнозинство демонстрирало „дека нема ни волја, ни чувство за државност“, оставајќи ги државните обележја без институционална заштита, во услови кога тие сè почесто се цел на омаловажување и политичко игнорирање.
Левица најави дека ќе продолжи да се залага за законска заштита на државните симболи, оценувајќи дека борбата за достоинството на државата и заштитата на нејзиниот интегритет не смее да се сведува на декларативни заложби, туку бара конкретни институционални решенија.
Ви го пренесуваме обраќањето на пратеникот Амар Мециновиќ: