Родителите на 62-те млади жртви од трагедијата во Кочани го кренаа гласот со јавно обраќање: Бараат одговорност, отчетност и правична истрага, а обвинуваат за молк, корупција и селективна правда
По речиси три месеци од трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која животот го загубија 62 млади лица, родителите на загинатите упатија потресен јавен повик до обвинителите и институциите на државата, обвинувајќи за системска неактивност, неказнивост и политички притисоци во истрагата.
Во повикот, кој беше доставен до Основното јавно обвинителство, Јавното обвинителство на РМ, домашни и странски медиуми и пошироката јавност, родителите директно ги прозваа институциите дека го развлекуваат случајот, ја намалуваат бројката на осомничени и дозволуваат ослободување на лица кои биле директно одговорни за масовната смрт.
Во продолжение го пренесуваме повикот во целост:
ЈАВЕН ПОВИК ДО ОБВИНИТЕЛИТЕ И ИНСТИТУЦИИТЕ: ПРАВДА ЗА 62-ТЕ НЕВИНИ ЖИВОТИ
До: Основното јавно обвинителство, Јавно обвинителство на РСМ, надлежните институции, домашни и странски медиуми, јавноста
Од: Родителите на 62-те починати млади луѓе – жртви на масовното убиство на 16 март
Почитувани,
Ова не е обичен апел. Ова е повик од дното на нашата болка и достоинство. Од срцата на родители кои ги изгубија своите деца, од гласот на оние што ја живеат најстрашната верзија на македонската реалност: држава без правда, систем без морал и институции без совест.
На нашата прва средба со надлежните обвинители, поставивме само едно прашање:
Дали ги имате снимките од ноќта на 16 март?
Одговорот беше: „Да, ги имаме, се прегледуваат.“ Но до денес, ниту една снимка не е презентирана пред јавноста, ниту се употребени како клучен доказ. Поставуваме прашања, но добиваме молк.
Во ваши раце не е само истрага – во ваши раце се 62 невини души.
Од вас бараме чесност, храброст и правда. Но, наместо тоа, гледаме како истрагата се развлекува, како бројот на осомничени се намалува – од 72, на 30, па сега и помалку. А уште полошо:
Осомничените што беа во притвор – денес се дома, слободни. Дел од нив, според информации што кружат во јавноста и меѓу родителите, се ослободени со мито.
Со пари, врски, закани – се спасуваат виновниците.
Почитувани обвинители, ако не сте способни, ако стравот ви е поголем од правдата – отстапете го случајот на некој што ќе работи чесно.
Ние не се плашиме. Ние веќе го изгубивме најскапоценото – нашите деца. Ништо не може да нè заплаши повеќе.
Ние, родителите, сме подготвени да го дадеме сѐ – пасошите, куќите, колите, животите, само да ја видиме правдата исполнета. Но ни тоа нема да ги врати. Единствено што останува е барањето:
вистина, отчет и одговорност.
Бараме:
- Јавно презентирање на сите видео-докази од таа вечер.
- Објаснување зошто притворените осомничени се пуштени – и кој ја дозволил таа одлука.
- Да се врати бројот на осомничени како што беше на почетокот – 72.
- Да се оддалечат сите обвинители кои покажаа политичка вмешаност, конфликт на интереси или несоодветна пасивност.
- Да се вклучат независни меѓународни набљудувачи и истражители.
Ова не е политичка борба. Ова е борба на родители што бараат правда за своите деца.
Ова е обид последната надеж – правниот систем – да не се претвори во уште една гробница за вистината.
Не ги убивајте уште еднаш нашите деца – со молкот, со корупцијата и со селективната правда.
Доста е.
Со болка, но со непокорна решеност,
Родителите на 62-те ангели.
Реакции од обвинителството и институциите засега нема. Дел од родителите најавуваат протести, меѓународни апели и тужби пред надворешни тела, доколку домашниот правосуден систем и натаму молчи.
Тие потсетуваат: „Сѐ уште чекаме не само правда, туку и најосновна човечка почит кон оние што никогаш повеќе нема да се вратат.“
