Ванковска: Местото на НАТО е во кантата за отпад на историјата

  • Колумна на Билјана Ванковска

Во пресрет на уште еден „историски“ самит на НАТО, под сенката на ескалирачката војна во Украина која добива и повидлива нуклеарна димензија, како и геноцидниот ужас во Газа, здраворазумниот и морален свет мора да се издигне во пркос, кршејќи ги идеолошките окови на заробениот милитантен ум. 

И покрај вештачки одржуваната еуфорија околу стратешкиот „успех“ на Македонија (we are NATO), вистината е дека место за радост нема. Приказната за благосостојбата што нè чека „Таму“, постепено се смени. Целиот медиумски комплекс сега протежира приказна типична за воени профитери: нашиот економски препород треба да дојде токму поради зголемувањето на трошоците за НАТО и војувањето: сите зборуваат за воена (наменска) индустрија која треба да се развива плански. Од земја на лози и здрав зеленчук, од оаза на мир, сега велат дека треба да станеме воена база (со главен град во Криволак) и зголемено производство за војување. А можеби и „топовско месо“, ако тоа го побараат од нас. 

НАТО е зомби што чекори напред и покрај својата нерелевантност, па и внатрешна поделеност. Таа е политичко покритие за ненаситниот воено-индустриски комплекс, кој низ децениите стана многуглаво чудовиште кое во себе ги опфати и политичката, медиумската и академската сфера. Неговата животна сила е во потта, крвта и смртта не само на граѓаните на државите кои ги здружува, туку особено на оние за кои тврди дека божем ги штити. Украина е најдобар доказ за тоа. Токму носечките земји членки го создадоа и сега поттикнуваат воениот судир, додавајќи масло на огнот, фаворизирајќи ескалација наместо преговори за мир. Соединетите Американски Држави, повторно предводени од Доналд Трамп (не дека Бајден беше подобар, напротив), се оние кои ги движеа и движат конците. Но, погледнете ја таа дволичност и валкана фарса: проповедаат мир, додека истовремено ги уценуваат сојузниците да го финансираат нејзиниот воен апарат. Дополнително, Трамповата „Златна купола“ од 175 милијарди долари, вселенски систем за ракетна одбрана, е уште еден опасен потег што му се заканува на целиот свет со уништување.

Без американската мускулна сила, НАТО е празна школка. Мегаломанот којшто не е генерален секретар, колку што е главен портпарол, Марк Руте зборува за империи, односно дека НАТО е најсилната империја во историјата уште од Римската (го заборавил Александар). Државниот секретар за одбрана на САД зборува за јакнење на воинствениот етос на војската и за полетално НАТО. Неговите амбиции не застануваат таму, бидејќи на Шангри-Ла самитот кажа и дека САД биле индо-пацифичка нација. Треба ли да ги цитираме „бисерите“ на Каја Калас која очекува воено зајакнатата ЕУ да ги победи и Русија и Кина? Можеме да зборуваме за личностите кои се на чело на колективниот Запад кој е во воен амок, но ќе погрешиме. Не е до личностите, туку до структуралното насилство вградено во западните структури ширум светот (од НАТО до 800-те воени бази на САД). 

Вистинската мисија на НАТО, формирано уште пред да се создаде Варшавскиот пакт, никогаш и не била самоодбраната и мирот. Резултатите од постоењето на оваа најопасна империјална алатка се ширење на терор и фабрикување непријатели за да го оправда своето постоење и воениот профит. НАТО е и глобален пазар за оружје, каде што се продава застарено оружје и се тестира ново. Новата мантра — „мир преку сила“, „патот до мирот бара повеќе оружје“ — е орвеловска отровна формула, која од јазикот/наративот прави оружје со цел да се замолчи секој отпор или несогласување. Оние што се осмелуваат да ја доведат во прашање оваа лудост се оцрнуваат како предавници на мирот.

Самитот во Хаг ќе го испорача она што веќе го знаеме: енормно зголемување на воените буџети — сега потенцијално до 5% од БДП во наредните десетина години — со што се одлеваат средства од здравството, образованието и социјалната заштита. Ова Руте не се ни обидува да го прикрие. Русија и Кина се прикажани како егзистенцијални закани за да се оправда овој грабеж. Со децении, НАТО ја крши Повелбата на ОН и сопствената основачка повелба, оставајќи зад себе пустош и мртви цивили. Нејзините обожувачи — тинк-тенкови, медиуми и милитантни функционери — повикуваат на „посилно, поправедно и посмртоносно НАТО“, хиперсонично оружје, превентивни напади и милитаризација на вселената. Ова не е одбрана; ова е битка за доминација на стероиди.

За жал, токму нашиот регион, односно распадот на СФР Југославија, му помогна на НАТО да се препороди во времето кога се распадна СССР и Варшавскиот пакт. Бомбардирањето на Босна во 1995 година, а потоа уште повеќе на СР Југославија во 1999 година, беа пресвртна точка во историјата на НАТО. Извршена без одобрение од Советот за безбедност на ОН, НАТО интервенцијата беше дрзок и нелегален напад врз суверена држава, со лажен „хуманитарен“ претекст. Акциите на НАТО ги згазија членовите 51 и 2(4) од Повелбата на ОН, создавајќи преседан за беззаконие и милитаризам облечен во морална обланда. Во Вашингтон, 50-та годишнина на НАТО беше прославена промоција на новата доктрина која предвиде дејствување „надвор-од-свиојата-зона“ (out of area) – нешто што ќе се покаже како многу корисно во наредните интервенции во Авганистан, Либија и Сирија. Кампањата од 1999 немаше ништо заедничко со заштита на човековите права, туку попрво со империјално прекројување на границите, создавање клиент-држави како Косово и воени бази како Бондстил, американската тврдина на Балканот. Секој познавач на косовскиот конфликт ја знае сета негова историска наталоженост и сложеност, страдањата беа реални, но нелегалната интервенција внесе нова димензија на конфликтност, а извршителот остана неказнет за воените злосторства врз цивилите: осиромашен ураниум, напади врз цивилна инфраструктура и голем број на „колатерални жртви“. Оваа интервенција му даде на хегемонот бланко чек за прекројување на карти и распарчување држави. Фактички, таа ја отвори Пандорината кутија за секоја друга голема сила.

Во мај 2000 година, бев гостин-предавач во Џорџ Маршал Центарот во Гармишпартенкирхен, а повод беше првата годишнина од интервенцијата на НАТО. Мојот настап беше веднаш по оној на Ветон Сурои кој се заблагодаруваше за интервенцијата. Јас, пак, во улога на пророчицата Касандра, се осмелив гласно да прогнозирам дека Македонија наскоро ќе биде вовлечена во воен конфликт како резултат на ефектот на прелевање. Девет месеци подоцна, тоа предвидување стана реалност, а телефонот не престануваше да ѕвони. Странските колеги кои ме слушаа, сега се прашуваа: како можеше да знаеш? За жал, не беше тешко бидејќи најчесто 2+2=4. По конфликтот од 2001 година, НАТО и ЕУ (предводени од САД) наметнаа логика на етничка поделба, според шаблонот претходно искористен во Дејтонска Босна. Така, до ден-денешен, Балканот (сега наречен „Западен, а ние „Северни“) се гуши под наследството на т.н. ‘милитантен хуманизам’ на НАТО (да го цитирам Ноам Чомски). „Терапијата“ во вид на градење држави на ЕУ (state-building) го завршија останатото во етаблирање стабилократии кои немаат ништо заедничко со демократски поредок. Целиот регион е не само колонизиран, туку сè уште наликува на буре барут. Иронично, Македонија ќе остане запомнета на трагикомичен начин: за влез во НАТО, заведена од празни ветувања за мир, просперитет и безбедност, се продаде себе си – својот народен и уставен суверенитет, името и идентитетот. Наместо тоа, сега се најдовме вовлечени во војна која не е наша, а за која плаќаме од својата сиромаштија. Власта и божемната опозиција се сложни дека треба да издвојуваме и до 5% од БДП за вооружување, додека повеќе од една петина од населението живее во сиромаштија (друг огромен дел се исели или иселува).

Економската и социјалната цена на членството во НАТО е катастрофална. Барањето за сè поголеми воени буџети претставува смртна пресуда не само за „социјалната држава“ (синтагма која ја внесовме во Уставот), туку и за самата држава. Болниците пропаѓаат, училиштата се распаѓаат, а граѓаните се гушат под режимот грабеж и беззаконие, додека воените лордови на НАТО се гоштеваат од нашите даноци. Критичарите на НАТО со право го осудуваат овој економски вампиризам и бараат да запре бранот на нова милитаризација и стегање на ременот што ќе го плаќаат обичните смртници. Но, повиците за буџетска воздржаност или мали корекции се само фластери на смртно болна состојба. Зарем треба да бидеме среќни ако останеме на „само 2 отсто“ од БДП? Вистинскиот лек е радикален: целосно распуштање на НАТО, воспоставување праведен мултилатерален мултиполарен свет – и заложба за неутралност, што е суштествена особено за малите и слаби држави. Сѐ помалку од тоа е соучесништво во злосторството.

Она што мејнстрим медиумите нема да ви го кажат е дека веќе се во тек големи подготовки за протести и перформанси на голем број мировни и леви движења токму за време на самитот во Хаг, но и на други места. Всушност, едно од овие движења во кое членувам (Колективот „НЕ за нова Студена војна“, No Cold War collective) ми предложи да бидам еден од јавните говорници на анти-НАТО самитот во Хаг. За жал, морав да одбијам затоа што во тоа време веќе прифатив да одржам неколку предавања на Палацки универзитетот во Чешка. Затоа и оваа колумна, покрај сè друго што го имам кажано и зборувано досега. 

Свесни сме, сепак, дека НАТО (и ЕУ) елитата, заштитена со барикади и силни безбедносни кордони, ќе се потсмее — исто, како и нивните медиумски потрчковци. Соучесништвото на НАТО во геноцидот во Газа ќе биде закопано во тишина, а катастрофата во Украина прикажана како мировен проект. Владејачката класа, глува за јавниот гнев, се храни од нашата плашливост, и особено од интелектуалната пристојност на мнозина од академските и културните кругови. Погледнете како е редефиниран наративот за НАТО во Македонија: ни збор за воените издвојувања и новите воени планови, вклучувајќи и „глобално НАТО“! Ние не знаеме ни дали воопшто македонските власти – почнувајќи од владата, собранието, па до претседателката – имаат став! Барем СТАВ… Таму владее молк за сè освен за блокадите на Бугарија. Тие би го искористиле самитот на НАТО да се пазарат со Румен Радев и да се потпираат на посредништвото на ЕУ „јастребите“ (оние за кои Франческа Албанезе веќе кажа дека се соучесници во геноцидот во Газа). Ние живееме на друга планета, не на оваа која тоне во милитаризам и самоуништување.

Мировниот активизам мора да се воздигне од пепелот, мора да стане бескомпромисен и секојдневен отпор — не само симболичен настап за самити. Војната ја водат елити финансирани со нашиот труд, што значи дека оваа борба не е само меѓународна, туку и  локална. Кај нас, само Левица бара повлекување од НАТО, и тоа од самото свое основање. Во мојата претседателска програма за 2024 година се обидов да кажам колку е едноставно тоа да се стори: со испраќање службено писмо до Стејт департментот дека земјата сака да излезе од Алијансата. Алтернативата ќе беше прифаќање неутрален статус. Но, навивачкиот хор веќе ве убедува дека е цела среќа што сме влегле во НАТО токму кога пукнала војната во Украина. 

Во сè уште неконсолидираниот мултиполарен свет, НАТО и ЕУ се спојуваат во милитаризиран монолит. Иницијативата на ЕУ „ReArm“ ги брише границите меѓу нив. Кога влегуваш во НАТО ти бараат пари, а богами и ако влезеш во ЕУ – пак ќе ти бараат пари за иста намена.

Сепак, НАТО не е прашање на идеологија, туку на опстанок на човештвото. Како детето во приказната на Андерсен, мора да се каже вистината: царот е гол, а НАТО е насилник кој почива на физичко, структурално и културно насилство. Тој не е гарант за ничија самоодбрана и безбедност, туку е закана за заедничката иднина на човештвото како такво. 

Не за НАТО. Да за мир.