На денешен ден загина Рацин – Македонскиот Че Гевара и последниот романтичар

Во студената ноќ на 22 декември 1908 година, во Велес, во скромното семејство на грнчарот Апостол и мајката Марија, се роди Коста Апостолов Солев, човекот што ќе стане симбол на слободата, правдата и македонската поезија. Народот го нарече Кочо Рацин, според името на неговата сакана Раца, Рахилка Фирфова, а историјата го впиша како основоположник на современата македонска книжевност, социјалистички деец и вечен борец со срце полно љубов за милиони обесправени.

Но Кочо Рацин не беше само поет. Тој беше гласот на угнетените, романтична душа со црвена крв што гореше за слобода. Како и Че Гевара, тој не ја посакуваше правдата од далеку, туку ја живееше, ја бараше во каменоломите, ја чувствуваше во очите на работниците на афионовите полиња, ја опеваше на хартија со мастило што често знаеше да капне и како солза, и како крв.

На само 16 години, Рацин станува член на СКОЈ, а потоа и на Комунистичката партија на Југославија. Бргу се истакнува како активист, организатор и говорник, непрестајно патувајќи низ тогашна Југославија, носејќи ја во себе и со себе вербата во револуцијата. Затвори, следења, забрани – ништо не можеше да ја запре неговата мисла.

Во 1933 година е избран за член на Обласниот комитет на КПЈ за Македонија. Истата година, објавува неколку значајни трудови од историја, филозофија и книжевност. Неговото најголемо дело, стихозбирката „Бели мугри“, излегува од печат во Загреб во 1939 година, и ја вознемирува тогашната власт повеќе од било кое друго „политичко дело“. Затоа што зборуваше за вистината. Затоа што ја пееше слободата.

Рацин не беше само револуционер, тој беше и последниот романтичар на македонската книжевност. Неговите љубови, Раца и Невенка, му беа инспирација, но љубовта кај Рацин не беше ограничена на една личност. Тој љубеше еден народ, една класа, цел свет.

Во песната „Татунчо“ ќе напише:
„Ако куќа не направив, со високи шимшир порти,
куќа цел свет братски ми е…“
И тоа не беа само стихови. Тоа беше животна философија, интернационализам, космополитизам, љубопитство кон јазиците и културите, вера дека македонската борба е дел од поширокиот човечки стремеж кон достоинство.

Невенка Вујиќ, неговата прва љубов, се сеќава како ѝ рекол:
„Би сакал да знам повеќе јазици и на секој би напишал макар по една песна или стих.“

„Јазикот – тоа е голема сила на народот…“ – напиша Рацин во 1940 година, во време кога македонскиот јазик беше под постојана закана, забрануван, негиран, укинуван. Неговата борба за јазикот беше борба за душата на еден народ. Тој не дозволи Македонија да биде „племе без историски континуитет“. За него, историјата беше темелот, а јазикот мостот до иднината.

На 13 јуни 1943 година, во близина на Лопушник, животот на Кочо Рацин згасна под сè уште неразјаснети околности. Официјално, смртен случај при несреќа, но сомнежите за ликвидација по наредба од структурата на КПЈ не стивнуваат ни денес. Зошто би го убиле? Затоа што беше гласен, затоа што мислеше слободно, затоа што не прифаќаше компромиси со правдата. Смртта на Рацин е еден од најболните удари по македонската книжевност и идеалите на Илинден.

Денес кога повторно се поставуваат прашања за националниот идентитет, за јазикот, за историската припадност, кога „чекајуштите“ и „желајуштите“ сè уште се надеваат некој друг да ја донесе слободата, зборовите на Рацин се повик на будење:

„Слободата, вистинската слобода на Македониа нема да дојде от таму, ами само от самите Македонци и со примерот што го покажа Илинден!“

Рацин не е само симбол на книжевната мисла. Тој е животна насока. Тој е огледало на нашата душа. Тој е патоказ кон општество кое ќе биде похумано, поправедно и послободно. Тој е доказ дека поезијата може да биде револуционерна алатка.

Во негово име, да не заборавиме:

„Та не сме саде ние,
та не сме саде тука –
ние сме по цел свет
безбројни
милиони
на трудот
црн –
народ!“