Левица остро против израелската агресија и македонската воздржаност во ОН: „Срамно молчење пред геноцидот“

Партијата Левица изрази длабока загриженост и осуда поради најновата ескалација на Блискиот Исток, откако Израел изврши масовен воздушен напад врз Иран. Според партијата, овој напад претставува „отворена агресија и грубо прекршување на меѓународното право“, која доаѓа во период кога светот бара итен прекин на огнот и дипломатски излез од кризата.

Левица ја обвинува Владата на Македонија за „бесрамна сервилност“ откако државата повторно гласаше воздржано при гласањето во Генералното собрание на ОН, каде огромно мнозинство земји го поддржаа предлогот за итен прекин на огнот во Газа.

„Македонија се впиша во најсрамните страници на историјата – поддржувајќи геноцид експлицитно, спротивно на речиси целиот свет,“ се вели во соопштението.

Левица го повика премиерот Мицкоски да објасни зошто Владата излажала дека поддржува решение со две држави, додека истовремено блокира носење декларација за признавање на Палестина. Партијата го прозва и амбасадорот на Македонија во ОН поради неговата воздржаност, која ја оцени како „срамна и недостојна позиција“.

„Македонскиот народ не сака неговите државници да бидат тапанари на војната и противници на мирот. Македонскиот народ сочувствува со Палестинците и сите угнетени народи“, стои во соопштението.

Левица бара итни чекори од Владата:

  • Да се признае суверенитетот на Палестина

  • Да се осуди агресијата врз Иран

  • Да се повлече амбасадорот кој се воздржа при гласањето во ОН

Партијата нагласува дека ќе продолжи да биде „глас на солидарноста со угнетените и барикада против лицемерната надворешна политика водена по туѓ диктат“.

Целото соопштение на партијата во продолжение: