На вчерашната седница за пратенички прашања, пратеникот од Левица, Борислав Крмов, остро ја критикуваше Владата поради, како што рече, „алармантната и нечовечка“ состојба во Општата болница во Кочани. Според него, здравствениот систем во регионот е во колапс, а пациентите се оставени да преживуваат само благодарение на донации.
„Дали Владата конечно ќе обезбеди соодветен третман за пациентите во Кочани? Дали планирате системски пристап, опрема и медицински кадар – или ќе ги оставите луѓето да се лекуваат со лепенки и креми од хуманитарна помош?“ – го праша Крмов вицепремиерот, откако премиерот Мицкоски ја напушти седницата.
Тој посочи дека целата неопходна опрема – од компресивни ракавици до хипербарична комора – била донирана, додека Владата, како што тврди, не вложила ништо значајно. Дури и приватните клиники, кои првично понудиле бесплатен третман, сега наплатуваат по 300 евра за едноставна преврска.
Крмов предупреди дека родителите на болните деца се принудени да даваат отказ или се избркани од работа, бидејќи државата не обезбедила никаква поддршка.
„Станува збор за човечки животи и системска негрижа. Владата мора итно да реагира – потребна е целосна реорганизација на болницата, нова опрема и медицински кадар“, заклучи Крмов.
Пратеничкото прашање остана без одговор на вчерашната седница.
Целото негово излагање во продолжение:

