Во Велес свечено отворени 62. „Рацинови средби“ – Започна манифестацијата посветена на гласот на обесправените

Со положување свежо цвеќе на спомен-обележјата на Коста Солев Рацин, денеска во Велес свечено беа отворени 62. „Рацинови средби“, традиционалната културна манифестација посветена на животот и делото на еден од најзначајните македонски книжевници, револуционери и мислители.

Годинава, манифестацијата се одржува во знакот на преломното историско време во кое твореше Рацин , период во кој македонскиот народ се бореше за својата национална афирмација, политичка култура и слобода. Делото на Рацин не само што е вкоренето во тој историски контекст, туку претставува еден од неговите најјасни и најсилни изрази.

Кочо Рацин, преку своето поетско и публицистичко творештво, но и преку личниот живот исполнет со идеолошка борба и интелектуална ангажираност, останува симбол на прогресивната мисла и гласник на обесправените. Тој беше глас на работничката класа, застапник на националната еднаквост и непоколеблив борец против империјализмот и социјалната неправда. За Рацин, како што сведочат неговите дела и животен пат, активната борба за промена на затекнатите состојби беше повисока форма на интелектуално и општествено дејствување.

Во рамки на свеченото отворање, беше доделено и годинешното Рациново признание, кое го доби писателката Оливера Ќорвезироска, за нејзиниот особен придонес во современата македонска книжевност и критичка мисла. Ќорвезироска со тоа се приклучува на редот на добитниците кои го продолжуваат духот на Рацин, преку ангажирана и слободољубива мисла.

Членови и советници на партијата Левица, по повод отворањето на манифестацијата, положија свежо цвеќе на спомен-обележјата на Рацин и со тоа ја изразија својата почит кон неговиот историски и идеолошки придонес.

„Рациновите средби“ продолжуваат со богата програма, литературни читања, трибини и културни настани, кои и годинава го ставаат Велес во центарот на македонската книжевна и културна сцена.